Николовски: Очекувам увоз на 100 000 тони пченица од Србија

Министерот за земјоделство водостопанство и шумарство Љупчо Николовски

Србија треба денеска да ја тргне забраната за извоз на пченица во Македонија. Министерот за земјоделство Љупчо Николовски вели дека е во контакт со неговиот српски колега и очекува Србија да испорача 100 000 тони во земјава.

„Тргањето на забраната за пченицата, пченката, рафинирано и нерафинирано масло за јадење го потврдија сите чинители. Со српскиот министер за земјоделство цело утро комуницираме зашто одлуката е на дневен ред на денешната владина седница, а и нашиот премиер разговараше со претседателот Вучиќ. Забраната ќе биде тргната денеска и верувам дека веднаш ќе може да се реализираат сите договори на нашите компании со извозниците од Србија“, истакна Николовски.

На прашањето дали може да се очекува поскапување на зејтинот, министерот одговори дека во земјава има доволно залиха, а и се прават максимални напори за обезбедување зголемена финансиска поддршка за договорно производство на сончоглед, како и за зголемување на површините, приносот и количините.

„Лично се ангажирав, двапати ја обиколив цела држава во овие два месеца, вклучувајќи ги и трговците. Сметам дека има доволно залихи, како што кажа и претставниот на „Витаминка“ кога бевме во посета на Штип. Сите можеби на некој начин очекуваат што ќе се случи, а имаат доволно залиха“, истакна Николовски.