Никола Упевче е конзерватор и мозаичар. Уметник. Роден и израснат со уметноста. Еден од оние кои е предодреден животот да и го посвети на нејзиното величење и чување за идните генерации. И, уште повеќе тој е еден од ретките што настојчиво и со многу откажувања се обидува и успева да ја проникне тајната на каменот и неговото природно врзување со стаклотот и другите нему сродни материјали. Од семејното ателје на неговиот татко и ликовен хроничар Славчо Упевче на влезот во Чаршијата, преку спомениците кои говорат за нашето траење и воздигнување со векови наназад, светлината на древниот Охрид... Никола со сета своја истрајност, љубов и верба се обидува да ја транспонира својата заложба за зачувување на вистинските вредности во времето пред нас. За векови. Да ја заокружи сликата за нас како градители, неимари кои го ѕидаат мостот од минатото, сегашноста кон иднината. Длабоко и силно инспириран од својот град и загрижен за неговата нагрдување, обезличување... Упевче полека но сигурно, сложувајќи камче по камче, боја по боја... стреми кон суштината на своето постоење. Да остави белег за своето, нашето постоење. И, богами тоа го прави без кревање врева, фалби и празни зборови ... оти тоа им прилега на вистинските. Од Бога надарените.
И, затоа кога ќе рече дека „неговите дела можат да се најдат на неколку локации во градот“... Така негов мозаик од 2003 година може да се види на карпа покрај плажата Горица 3, а во близина е и колажот „Дрвото на животот“ . Автор е на сводниот мозаик поставен над јужниот влез во олтарот од црквата Успение на Пресвета Богородица – Каменско изработен исклучиво со камења во 2005 година... Потоа на мозаичните фрагменти „Фонтана на животот“ поставени во 2006 на летната тераса од ресторанот „Св.Софија“... Во 2015 година ја направил декорацијата за Фонтаната со реконструкција на антропоморфните претстави за „Четирите рајски реки“ на Плоштадот – Мини Маркет, а три години подоцна и мозаикот „Два гулаби пијат вода“ на чешма од црквата Богородица Пандонос.
И, тука не е крајот оти како творец има изедено и неколку дела во странство. На пример еден мозаик со логото на градот Арл „ARLES AB IRA LEONIS“- негов подарок за местото и копија на мозаикот „Медуза“ за Музејот на Арл и Античка Прованса. Мозаикот „Сонце“ на влезот од Центарот за сместување и дневен престој на деца со инвалидитет, задужбина на Делта холдинг во Белград, Србија...
Никола Упевче учествувал во изработката на неколку групно изведени мозаици во склоп на „Уметноста на мозаикот“ во Назано, во Рим, Италија.
Тој е и уметникот што пред неколку години ја изработи сеуште не поставената „Мозаичната мапа на Охрид и Лихнид“... и на крајот на минатата година, за празникот, во Маврово го постави мозаикот посветен на Свети Никола. И, по набројувањето тој онака скромно знае да рече: Овие како и многу други помали дела на различни страни од светот зборуваат за мојата страст и желба да се изразам во оваа трајна техника. Мозаикот.
И, овде некаде почнува разговорот. За уметноста, неговите дела, за древниот Охрид кој стенка под атаците на негрижата и урбаната мафија, за Мапата... Најмногу за делата, спомениците на културата, нивната заштита... и творештвото втиснато за навек.
Работен според иконата од Дичо Зограф од црквата Св. Никола Геракомија во Охрид, токму во чест на празникот, на вашиот именден, на влезот на црквата Св. Никола во Маврово го поставивте своето ново дело – мозаикот посветен на овој светец. Каква радост чувствувате во тој момент? Има ли поголема победа за еден творец освен мигот кога плодовите на својата работа почнува да ги споделува со јавноста, со луѓето околу себе?
- Уметноста на мозаикот претполага време посветено за осмислување, планирање на материјалот, трпеливост, внимателност и прецизност при изработката и монтажата. За мене сето ова како автор е посебен предизвик и не случајно сум ја одбрал оваа макотрпна техника која и во дамнешни времиња се сметала за „вечна слика“. Станува збор за трајни вредности, за дела кои што одолеале на времето, значи дела кои ќе сведочат за нашето културно делување во ова време, како што сведочат бројните мозаици од нашите археолошки локалитети за нивната култура и време. Мене лично оваа димензија ме восхитува и плени и затоа својата работа ја насочив кон проучување, заштита и промоција на оваа ликовна техника. Како конзерватор успеав да работам на мозаици од повеќе различни периоди од историјата и полека да проникнувам во тајните на вештината за геометријата, осмислувањето на композициите и обработката на материјалите.
Играта со комбинирањето на различни природни минерали, стакло, теракота и друго за мене како автор е непрестана и инспиративна. Преку своите дела сакам да ја продолжам приказната забележана на еден натпис од ѓакониконот на Поликонхосот од Плаошник :„Го направија за свој благослов, оние чие име го знае само Бог“.
Од каде идејата и потребата за изработка на овој мозаик посветен на Свети Никола? Колку долго го работевте? Конечно, до каква дефиниција стигнавте вие по долгите години на едукација и вложен труд за уметноста на која одлучивте да и го посветите својот живот?
- Приказната за мозаикот почнува со една иницијатива на двајца вљубеници во Маврово, господата Јован Гаврилоски и Васил Степанов, кои минатото лето го посетија моето ателје во Охрид. За нивната благородна мисија обновата на Црквата Св.Никола Летен (Потопената црква), непосредно во тоа време се информирав од печатените и електронски медуми. Како ревносен скијач во минатите години ми беше сосема познат амбиентот во кој се наоѓа и не случајно нејзината фотографија се најде на страниците на многу медиуми. Откога подетално се запознав со историјатот на црквата која била изградена во1850 година, а во 1857 била завршена, се градела со мермер и гранит, имала мермерен олтар, вреден иконостас и уникатен под кој во иднина се надевам дека ќе се конзервира и реставрира. Била иконописана од големиот македонски мајстор Дичо Зограф. Од 1953 со изградбата на хидросистемот и Мавровското Езеро била потопена.
Како добар познавач на делото на овој мајстор на чиј фрескоживопис сум работел во црквата Успение на Пресвета Богородица - Каменско во Охрид и тука би споменал еден куриозитет, при чистењето на фреските од наслаги со екипа од Републичкиот завод за заштита во 2000 година го пронајдовме неговиот потпис на две места во фрескоживописот. Еден на мечот од Св. Јаков на јужниот ѕид од црквата (се потпишал слично на Михаил и Евтихиј од Богородица Перивлептос) и друг во големата конха од наосот помеѓу претставата на градот со бродови...
Како модел за изработка на мозаикот го зедов Св. Никола од престолната икона од Дичо Зограф од истимената црква Св. Никола – Геракомија од Охрид.
Мозаикот го работев во моето ателје од 1 Август до неговото излагање во нашата Галерија за време на празникот посветен на Св.Никола на 19 Декември 2021 а истиот беше поставен на неговото место на 28 Декември 2021година.
Сметам дела во блиска иднина ќе помогнам во конзервацијата и обновата на убавиот под изработен од фајанс и истиот уште многу долги години ќе зрачи со својата извонредна убавина.
„Мозаикот од подот ја избегнал судбината на мозаиците и фреските по ѕидовите. И после целосното рушење на објектот, подот останува со сликата од неуништивите камчиња како сведоштво на уметноста и за состојбата на духот воопшто.“ Г.Ц.Томашевиќ извадок од книгата „Рано византиски подни мозаици“
Со оглед дека потекнувате од семејство на творци, на мнозина ќе им беше логично да ги следите стапките на својот татко познатиот охридски и македонски сликар Славко Упевче. Меѓутоа вие изгледа настојчиво се решивте да ја следите својата ѕвезда – да бидете во уметноста, но и да бидете свој на своето. Како се роди таквата идеја? Кој притоа најмногу ве насочуваше во тој правец? Од кого учевте? Што научивте за себе?
- Кога растете и се развивате во вакво уметничко и научно опкружување, несомнено е кај вас да се поттикне потребата за креативно изразување.
Мојот татко како врвен сликар, мајстор на техниките (сув пастел, акверел и туш) и неуморен хроничар кој упорно ги бележи препознатливите амбиенти на Охрид и неговото природно и културно наследство е несомнено мојот прв учител и критичар. Растев во неговото ателје опкружен со бројни слики и цртежи, сликарски материјали... и уште од најрана возраст можев да ги испробам разновидните сликарски техники. Помагав во изработката на повеќе рекламни паноа кои во тоа време се работеа рачно со боја и четка, букви од стиропор и тапет за најразновидни настани и многу други видови декорации.
Вујкото на мојот татко - Доктор Никола Бошале, вљубеник и неуморен истражувач на природното и културно историското наследство, напиша повеќе книги во кои разработува најразлични теми врзани за Охрид, екологијата, туризмот, архитектурата, резбата, музиката, Св.Климент Охридски, Прличев, Чинго и многу други теми кои доаѓаат до ALMA MATER за првиот сесловенски универзитет на Плаошник. Дел од моите студиски години на Факултетот за ликовни уметности во Скопје ги поминав кај него и ликовно обликував повеќе насловни страници за неговите дела.
Мојот вујко Ристо Миса беше сопственик на дизајнерско студио со печатница РЕМ Дизајн во Струга. Тој ме воведе во тајните на сито печатот и беше неуморен истражувач на повеќе техники за печатење. Ми ја всади љубовта кон истражувањето во развојот на техниките и технологиите.
Има уште мнозина луѓе од културата кои се заслужни за моето образование, како на пример мојот прв педагог по ликовно образование кој ми ја организираше и првата изложба г-дин Спиро Шулајковски, тука е и Александар Патчев, а во Гимназија мојата професорка Ангелина Дамјановска Наумовска. Тука се и професорите од Ликовната академија, - сликарите Душан Перчинков, Симон Шемов, Момчило Петровски – Моцо кој ме воведе во тајните на изработката на мозаиците и Благоја Кузмановски кој ме упати кон светот на заштитата на културното наследство. Особено значајни во тој процес на едукација за мене се и соработките со Академик Цветан Грозданов и Вера Битракова Грозданова, со Паско Кузман и колегите од Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид, Ефто Димовски конзерватор од Битолскиот Завод за заштита и многу други.
Ваквото патешествие во уметноста подразбира и бројни студиски патувања. Каде се бевте, колку камења притоа искршивте обидувајќи да ја одгатнете тајната на мозаикот? Според вас, до каде сте сега стасани? Што ви претстои?
- Моето образование по дипломирањето го формирав и со посети на повеќе локалитети и музеи, семинари и работилници. Бев кај нашиот пријател Јан Велкамп во Холандија, потем во Белгија и Германија, имав едномесечна обука со стручњаци од ICCROM во Сремска Митровица, во Србија во 2006 година. Тука се и студискиот престој во Ателјето за конзервација и реставрација на мозаици во престижното ателје на господинот Патрик Бланк во Музејот на Арл и Античка Прованса, Јужна Франција во 2007 година, потоа соработките со Александро Лугари од Рим, Паоло Ракањи од Равена и Микеле Макиарола од Фаенца. Згора и соработките со многу колеги од регионот со кои ја развивме мрежата на конзерватори SEE MOSAICS за која три средби беа организирани во Охрид.
Од 2006 година сум соработник и член на извршниот одбор на ИКОМОС Македонија и учествував на бројни семинари, форуми и активности.
Секако во овој дел би ги спомнал и соработките и познанствата со врвни институти и колеги од светот, врвни имиња од струката што ги имав како активен член на Интерационалниот комитет за конзервација на мозаици ICCM.
Со завршувањето на изработката на „Мозаичната мапа на градот Охрид и Лихнид“ мојот труд беше објавен во повеќе светски медиуми и групи кои ја обработуваат темата на современиот мозаик. Искрено се надевам на понатамошни идни соработки и многу нови дела како во земјата така и надвор.
И, во ваквата бркотница која се нарекува живот, уметнички живот, посебно во овие и вакви времиња кога уметноста и убавината се покриени од грдото каде и да се завртиш, ќе се најде ли некој да пресече конечно по две години од нејзиното завршување, таму каде што и прилега и е планирано, Долна порта, токму на влезот во Стариот град, да се најде Мозаичната мапа на Охрид и на некогашен Лихнид? Фотографијата да биде заменета со оригиналот. Тој да светне со сета силина и моќ за раскажување на приказната. Зошто толку долго се чека на таквиот свечен и голем чин за македонската култура?
- Се надевам дека со поставувањето на ова дело на вакво место ќе се збогати доживувањето и свесноста на луѓето за значењето на културното наследство од ова единствено место. Ќе се збогати и свесноста за оваа прекрасна ликовна техника која ја изработувам и изучувам. И уште многу други дела ќе произлезат за да сведочат за убавините од различни епохи кои во својата утроба ги чува овој град. Пред светот и пред научната фела од УНЕСКО ќе се покаже желба за зачувувањето не само на материјалните остатоци од едни минати времиња туку и за живата уметност која се негува и инспирира за создавање на нови дела. Сметам дека со една несебична соработка меѓу локалната самоуправа и Министерството за култура како и многу други институции и поединци поврзани со туризмот воопшто може да се изнајде начин и конечно ова дело да блесне во полн сјај.
Чисто за потсетување, Мапата ја работевте повеќе од една деценија и притоа се обидовте со неа да говорите за значајните археолошки наоди од јадрото на стариот град, на јавноста да и ја претставите еден вид картата на „закопаното богатство“ во Охрид кој пулсира и стенка под атакот на денешнината. Како одеше целиот тој процес кај вас? Колку притоа и се враќавте на иницијалната идеја? Се кршевте ли вие како творец при изработката? Колку пати ја сонувавте и поставувате?
- Со почетокот на новиот Mиленум и развојот на новите технологии, а несомнено и за време на моите истражувања како конзерватор на мозаици, фрески со Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид, сонував за да се изработи еден регистар на мозаичното наследство кој подоцна го опфати и целокупното природно и културно богатство на стариот дел од градот Охрид. Пред се ме инспирира обидот на археологот Владо Маленко објавен во форма на карта во еден натпис во Зборникот на трудови Лихнид бр.7 од 1989 година и во непосредната работа и разговори со него на Плаошник се здобив со огромен број на информации за конкретни локации и објекти. Во соработка со моите колеги од Институтот во тоа време, фотографот Владимир Тунтев и Гоце Ангеличин – Жура историчар на уметност, добив голем број информации за дотогаш непознати локалитети кои се нaоѓаат под денешните современи куќи и сакрални објекти кои внимателно ги бележев и регистрирав со цел да се забележат просторно во идната мапа. На мапата работев трпеливо повеќе од 10 години. Таа авантура започна со мојот прв обид во 2006 на цртеж просторно да ги определам најважните точки на интерес а подоцна и сосема прецизно и точно истите да ги обликувам со мозаична техника и полека да ги градам дотогаш познатите факти за Охрид и под него древниот Лихнид.
Во меѓувреме работев на повеќе проекти врзани со заштитата на културното наследство во нашата држава и успеав да соработувам со сите поважни конзерваторски и реставраторски центри од регионот. Голем дел од овие соработки особено во Истра делот од словенечкото и хрватското крајбрежје на Јадранот, работа на обука на конзерватори и конкретни реставраторски потфати на десеттина локалитети со повеќе мозаици. Добиените средства од овие интервенции ги влоожував за набавка на повеќе потребни нијанси од стаклена паста (смалти) и камен (lapis lazuli) и грижливо ја градев Мапата.
Мапата на град Охрид и Лихнид беше завршена и претставена во 2017 година на 13 –та Конференција на Интернационалниот комитет за конзервација на мозаици (ICCM) во Барселона, и во оригинал претставена на меѓународната изложба IX Pictor Imaginarius, Уметноста на мозаикот, во Назано, Рим на крајот на Мај во 2018 година.
Во 2020 година се претставив со својата втора самостојна изложба „МОЗАИК КОЛАЖ“ во просторот на Куќата на Робевци и Лапидариумот и во исто време ја завршив мапата со предвидената рамка. Изработив и печатена верзија на истата во оригинални пропорции и ја поставив во еден исклучителен простор на Плоштадот од градското пристаниште како еден симболичен влез во стариот град. Во непосредна близина е Долна порта и Болничките Цркви, Св. Никола и Богородица Болнички кои своевремено претставувале еден вид карантин за сите намерници и патници кои доаѓале да го посетат Охрид. Сметам дека и симболички ова е соодветно место, а можеби и вистинско време со оглед на моменталната ситуација што ја сведочиме за Ковид пандемијата, како и загриженоста за загрозувањето на повеќе елементи поврзани со заштитата на еден од најзначајните места препознаени од УНЕСКО со ставањето на првата листа на Светско природно и културно наследство за која несомнено мора да бидеме исклучително свесни.
Сепак искрено верувам и се надевам дека овој подарок како дело на современ автор, ја оживува и достојно ја отсликува заложбата за зачувување на вистинските вредности кон кои треба да се стремиме.
И, кога сме веќе тука, како конзерватор и реставратор, на што се фокусиравте во последниве неколку години? Една од големите заложби на македонската култура, барем декларативно, беше и е да се работи, вложи, во заштитата на нашето културно богатство. Наспроти политичката декларативност, што и колку во реалноста правиме за таквите формулации? Што не спречува малку посериозно да се бавиме со нашето богатство, идентитет, култура и историја?
- За заштитата на нашето природно и културно историско наследство премалку се зборува. Се зборува површно и без заинтересираност, туку само декларативна горделивост за некаква вредност која наводно се заштитува, а во реалност се нема воља за соработка, иницијатива и најмалку за реализација. Сметам дека во основа проблемот се наоѓа во општествената свест и образованието на луѓето воопшто за вредноста која ја имаме, за вредностите кои треба внимателно и упорно да се негуваат и градат уште од најрана возраст. Овие вредности треба да се основа за нашето образование и воспитување.
Погледнете ја на пример Катедралната црква на Охридската Архиепископија, Св. Софија, таа е во срцето на градот, но оградена, невкусно, во еден несоодветен амбиент со имитации на „охридска архитектура“, ресторани и апартмани за сместување, тезги за сувенири, ограда од ковано железо, паркирани автомобили и сосема несоодветни ќерамиди. Таа е симбол за градителските, конзерваторските и реставраторските надежи, желби и траги од разни столетија. Во неа се вградени како сполии најразновидни камени блокови од столбови, рељефи со епиграфика и разновидна камена пластика. Во различни периоди таа била градена, преградувана и доградувана, но во овој 21 век некои работи се едноставно незамисливи.
Погледнете го на пример амбиентот околу Охридскиот чинар, стариот горостас под чија сенка живееле и поминале повеќе илјадници години и генерации, и прошетајте по новата чаршија што од ден на ден го губи својот шарм со безбројни ефтини сувнири и облека, но без препознатливите занаети и чаршиски занаетчии. Меѓу другото неповратно се губи и еден препознатлив чаршиски жаргон и муабет. Претераната реконструкција на споменикот од 15 век, Али Пашината Џамија, во себе длабоко имаше потенцијал да спои повеќе периоди од културата и историјата на градот кои за жал исчезнаа. Во неа беше сочуван еден ѕид од средновековната црква Св. Никола, а под неа, и мозаични фрагменти од рано христијанската базилика, замислете сè во едно место, во центарот на Градот.
Охрид никако не смее да продолжи да се развива во место за масовен туризам, туку во место за културен и духовен одмор и развој. Место што сеуште ја има привлечната сила на едно од најстарите езера во светот и еден атрибут „музеј на отворено“ што треба квалитетно да се осмислува и чува.
Мислам дека во ова време на глобални предизвици ние наместо да сме свртени кон себе и да ги испитаме своите постапки, едноставно се губиме во некои нереални ветувања.
Како вие лично, како творец, гледате на заштитата на денешен Охрид? Може ли нешто очајнички да се стори за да се сочува Градот во неговата суштина. Да го имаме како Светско културно богатство?
- Лично сум загрижен за начинот на кој се пристапува не само кон природното и културно историското наследство, туку и за амбиентот во кој се гради и формира новиот лик на градот. На секој чекор наидуваме на разновидни примероци кои со мимикрија и несоодветна интерпретација го имитираат „охридското“ а всушност секојдневно и неповратно исчезнува еден несекојдневен амбиент. Овие два града, Лихнид и средновековниот Охрид, ги потиснува еден нов ОФРИД.
Претераната урбанизација и изградба на стамбени згради, водејќи се исклучиво од призмата на профитот ги девалвираат урбаните, естетските, емоционалните и традициоалнте вредности на градот и сите квалитети за еден удобен живот.
Се повеќе сме сведоци и на исчезнувањето на зеленилото воопшто и несоодветна замена на повеќегодишните стебла со не-домородни примероци.
„Архитектите уверуваат дека охридската куќа била правена по мерата на човекот и тоа го привлекло вниманието на Европа и светот. Меѓутоа куќата во Охрид најнапред морала да биде замислена по мерата на екосистемот и притоа да се претпоставува историското и особено горчливото искуство од карактеристичното тло на кое сакаме да градиме дом или некој храм на нашите надежи, ментори и заштитници на градот...
...Старото градско јадро не е подготвено за новото време. Сообраќајниците се препуштени на стихијата, нема продор од институциите на државата и културата. Културно – историскиот простор е нападнат од поединци кои можат да се видат како влегуваат во конфликт со традиционалната, историската симболика и култура. Наследството е препуштено на луѓето што влегле во меѓите меѓу светци и светилишта. На тлото на Охрид се води битка на егзистенционалните потреби со спомениците на материјалната култура. Во таа битка се засенуваат старите олтари и заграбуваат визурите на градот. Одберете некоја куќа во стариот дел на градот и претпоставете го домаќинот, но не заборавајте дека на овој простор се оствариле толку многу генерации низ илјадници години. Трагите од тие луѓе се тука, а сега споредувајте за да ја констатирате цената што се платила за накитено да се покаже куќата со визурите на сегашниот домаќин...
...Претпоставете го големиот демографски и механички прираст на градот особено во текот на сезоната и како тој делува врз природното и културното наследство. Охрид се одбира како место за живеење, како простор во кој го градиме својот дом, во кого каниме гости во хотели и приватни куќи и кампови...“ -
„Милост за езерото“ Никола Бошале
Исклучително е важно при секоја интервенција во овој жив град многу внимателно да се планира и уредува секој кварт, секоја уличка и зачуваните споменици од историјата. Сите интервенции мора да се изведуваат според пропишаните правила и конвенции на УНЕСКО доколку сакаме да го зачуваме престижниот статус.
И од најмлади денови на идните поколенија да им ја всадуваме оваа почит и љубов кон делата на нашите предци кои треба да се пренесат во иднината.
И ваков каков што е, колку Охрид и натаму е вашата творечка инспирација? Како го доживувате Градот и колку сила имате во себе да работите и натаму на неговата вечност?
- Несомнено важно е да се биде упорен во оваа навидум тешка и (не)возможна мисија. Во оваа толку богата древна македонска земја успешно се сочувани сведоштва за постоењето и културниот развиток на човештвото воопшто. Во своите прегратки природата успешно го сочувала дури и сокрила во навидум најтешките периоди од војни, окупации и непогоди недоброени богатства кои денес археолозите ги откриваат. Овде најважно е да подвлечам дека сето она што е на површина мора соодветно да се заштити од натамошно распаѓање, да се вложи огромен труд, финансиски и други средства без жалење. Зошто тоа е аманетот оставен од нашите предци на чување, а едноставно мора изворно да се пренесе на идните поколенија. Никакви недостојни имитации и реконструкции несмеат да го заменат споменот за нивното постоење!
И, конечно поминаа две години од вашата изложба „Мозаик колаж“ одржана во куќата на Робевци. Во меѓувреме со вашиот татко Славчо Упевче се претставивте и на манифестацијата „Поетска ноќ Велестово“... Работите ли на нови дела? За кога е планирана вашата нова средба со публиката? Овде дома или, дај боже, некаде во светот иако таквата желба во вакво зло време некако тешко изртува. Што со нагласена љубопитност да очекуваме од Никола Упевче во догледен период?
- Минатото лето во склоп на претставувањето на поезијата на Ристо Лазаров беше организирана и и своевидна заедничка изложба по повод 30 годишнината од формирањето на нашето Ателје и Галерија УПЕВЧЕ во семејната куќа во Охрид. По тој повод беше изработен мозаик со логото на манифестацијата на кое автор е мојот татко Славко Упевче, а јас го изработив во мозаична техника и го поставив на селската чешма која е своевидна сценографија на секое издание на СВП. Како автор се претставив со неколку мои дела како своевидна сценографија на настанот, а избор од нашите дела беше претставен и во тремот од црквата Успение на Св.Богородица во Велестово.
Оваа година имам покани за повеќе настани поврзани со изработката и конзервацијата на мозаикот во Италија. Искрено се надевам дека ќе бидам во добро здравје за да можам да ги споделам своите знаења на овие важни настани. Во тек е организација на една убава изложба која ја подготвува мојот татко и е врзана за специфичните дрва црници (Муренки) од кои дел се зачувани во селото Радожда на струшкото крабрежје од Езерото. Верувам дека вака ќе успееме да го свртиме вниманието врз овие природни реткости со кои изобилува нашиот единствен и богат регион!
Во блиска иднина, пак, се надевам дека мојот проект МОЗАИК КОЛАЖ ќе можам да го претставам во повеќе градови во земјава и надвор од неа. Планирам заедно со изложбата да бидат организирани и соодветни работилници за изработка на мозаик и колаж во мал формат за кои има особен интерес за учество.
И, конечно живеам за моментот кога „Мозаичната мапа“ ќе биде поставена на местото каде што сеуште стои „фотографијата“, Долна порта, и така на многубројните жители и на посетители на градот конечно да можам да им ја пренесам љубовта за оваа техника преку која ја претставувам и својата неизмерна почит кон природните и културните особености на мојот роден град Охрид.