Ќерки, фасади и жртви
УКРАИНА - Официјален Киев им нареди на жителите во источните региони на земјата да се евакуираат сега или во спротивно ризикуваат смрт поради страв од нов руски напад.
МАКЕДОНИЈА - По сеопфатна предистражна постапка, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе наредба за спроведување на истражна постапка против четири лица, кои ја злоупотребиле својата положба и овластување при реализација на договорот за изведување на градежни и градежно занаетчиски работи за реконструкција на фасадата и илуминација на објектот на Владата, информираат од Јавно обвинителство и додаваат дека предметот е дел од постапката за Проектот Скопје 2014. Фотографијата е илустрација од протест на земјоделците пред Владата.
САД / РУСИЈА - Соединетите Држави најавија нови санкции насочени кон најголемите руски јавни и приватни банки и двете ќерки на Владимир Путин, со што дополнително се зголемува притисокот врз руската економија поради инвазијата на Украина.
РУСИЈА / УКРАИНА - Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова изјави дека сликите на мртвите тела на улиците на украинскиот град Буча, за кои Русија вели дека биле поставени, биле дизајнирани да ги оправдаат дополнителните санкции кон Москва и да ги нарушат мировните преговори со Киев.
МАКЕДОНИЈА - Македонската православна црква - Охридска Архиепископја (МПЦ-ОА) ги отфрла изјавите дадени за бугарските медиуми со кои, како што се наведува, се проблематизира македонската историска наука и се оспорува континуитетот на МПЦ-ОА.
УНГАРИЈА - Унгарија не би имала потешкотии да ги плати испораките на гас од Русија во рубли, а ако Русија го побара тоа од Будимпешта, таа ќе го стори тоа, изјави премиерот Виктор Орбан на прес-конференција, одговарајќи на прашање на Ројтерс.
ЕУ / РУСИЈА - Европската унија и Соединетите Држави размислуваат да ги санкционираат двете ќерки на рускиот претседател Владимир Путин како дел од новиот пакет казни поради руската инвазија во Украина.
БУГАРИЈА - Најмалата партија во бугарскиот парламент, Преродба, која се смета за проруска со своите симпатизери одржаа антивладин протест пред Парламентот во Софија барајќи Бугарија да не дава воена поддршка на Украина. Симпатизерите на партијата биле донесени со автобуси и дел од нив на својата облека го носеле обележјето Z кој е проруски симбол што се користи во воената инвазија врз Украина, јавува новинската агенција Бгнес.