Превентивно се повлекуваат киндер производите од компанијата „Фереро“ откако инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство спровеле вонреден инспекциски надзор кај операторот со храна „Атлантик траде“ ДОО Скопје, увозник на производите од компанијата, „Фeреро“. Контролата, како што наведуваат од агенцијата, била спроведена врз основа на добиено известување од компанијата „Фeреро“ ДОО од Загреб, Хрватска, со кое информира дека од превентивни причини, од пазарот во Македонија се повлекуваат неколку серии од Киндер-производите.
Согласно нивното известување, од пазарот, во земјава се повлекуваат сериите производи чиј рок на употреба истекува на 3.10.2022година, 23.8.2022 година, 2.6.2022 година, 7.7.2022 година, 15.7.2022 година, 11.6.2022 година.11.6.2022 година и 30.6.2022 година.
Попладнево, како што информираат од Агенцијата добиле и нотификација од Системот за брзо предупредување за храна и за исхрана на животни (РАССФ) на Европската Унија, со која се алармира дека на пазарот во земјава е пласиран сомнителен чоколаден производ од овој производител.
„Врз основа на извршената инспекциска контрола, на компанијата увозник издадено и е решение со кое се забранува промет на призводи ‘Киндер’ со лот L006LtB-NR, L330RtB-MJ, L2923RtDKX, L328RtD-M,L336RZD-MU, L302RO3, L321RO3. На операторот му е издадена и наредба да изврши отповикување на наведените лотови од производот и повлекување на количините кои се пласирани на пазарот. Потврда за итно, превентивно повлекување од пазарот на производи од овој бренд до АХВ прати и компанијата увозник која извести дека од пазарот се повлекува производoт 260320 Kinder Schokobons G125x16, серија L321R03, со рок на траење 30.6.2022 година, серија L302R03, со рок на траење 11.6.2022 година, од производителот Ferrero Ardennes S.A., rue Pietro Ferrero 5, 6700 Арлон, Белгија“, се вели во соопштението од Агенцијата.
Агенцијата за храна ги известува потрошувачите кои го имаат купено овој вид производ, истиот да не го консумираат и да го вратат на местото од каде го купиле.