Укинување на мерката за задолжително носење на маски во затворен простор со исклучок на здравствените установи, домовите кои згрижуваат постари лица, аптеките и јавниот превоз, се препораките кои денеска на состанок ги донесе Комисијата за заразни болести. Комисијата на денешниот редовен состанок разговарале и за укинување на епидемиолошкото следење на контактите и последователната препорака за изолација на контактите.
„Најпрво ја разгледавме епидемиолошката состојба во државата и заклучивме дека моменталните услови ни овозможуваат да размислуваме за намалување на рестриктивните мерки и се согласивме да препорачаме укинување на мерката за задолжително носење на маски во затворен простор“, изјави на прес-конференција претседателот на Комисијата, Александар Петличковски.
Тој посочи дека од оваа мерка се исклучок здравствените установи, домовите кои згрижуваат постари лица, аптеките и јавниот превоз. За овие четири затворени објекти останува задолжителното носење на макси. Маските ќе може да се носат во затворен простор само по желба на индивидуите, но задолжително носење не се практикува веќе, истакна Петличковски.