На денот на здравјето, 7 април матичните лекари од земјава утре повторно ќе одржат мирен протест пред Министерството за здравство. Ова е третпат како тие ќе го изразат своето незадоволство, бидејќи како што велат здравствените власти немаат слух за нивните барања.
Клучните барања на матичните лекари е да се направат законски измени со кои пациентите нема да се водат на име на лекар, туку на здравствената установа во која работат, за да не се случи тие да останат без лекар при негово пензионирање.
На тој начин ќе се задржат младите лекари, бидејќи со секое заминување на лекар, амбулантата одново ги почнува административните постапки, вели претседателката на здружението на матични лекари Лилија Чолакова Дервишова.
Тие бараат и измени на законот за здравствена заштита со кои ќе се предвиди полесен пристап до лекови на хронично болните пациенти, како покачување на капитацискиот бод пд 60 на 90 денари по пациент, според кој Фондот за здравство им исплаќа плата на матичните општи лекари.