Европските земји протераа десетици руски дипломати по извештаите за Буча

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги испитува местата на борбите во Буча, градот во близина на Киев на 4 април 2022 година, по извештаите за наводни злосторства извршени во Буча од страна на руските војници

Неколку европски земји најавија протерување на десетици руски дипломати поради извештаите за наводни злосторства извршени во Украина од страна на руските војници, вклучително и во градот Буча каде што се чини дека се егзекутирани многу цивили.

Данска, Шведска, Италија и Шпанија денеска соопштија дека ја известиле Москва дека дипломатите во нивните амбасади сега се прогласени за персона нон грата.

Летонија и Естонија отидоа чекор подалеку, откако наредија затворање на двата руски конзулати во нивните земји.

Потезите доаѓаат неколку дена откако руските трупи се повлекоа од некои области околу Киев, откривајќи колку интензивни биле борбите.

Данскиот министер за надворешни работи Јепе Кофод изјави дека 15 вработени во амбасадата се протерани и дека данската влада „остро ги осудува“ дејствијата на руските војници во Буча.

Набргу потоа, италијанскиот министер за надворешни работи Луиџи Ди Мајо изјави дека на 30 руски дипломати им било кажано да ја напуштат земјата поради причини од „националната безбедност“.

Потоа следеа Шпанија и Шведска кои објавија дека протеруваат 25, односно тројца руски дипломати. Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека Москва како одговор ќе преземе „соодветни мерки“.