Страв и казни

МОЛДАВИЈА - Премиерката на Молдавија, Наталија Гаврилита изјави дека на нејзината земја и е потребна голема меѓународна поддршка за да се обезбедат најдобри можни услови за бегалците од соседна Украина.

ЕУ - Европската комисија ќе го суспендира пристапот на Унгарија до парите од европските фондови за поддршка. Претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен изјави дека комисијата ќе покрене постапка за суспензија на исплатите поради кршењето на европските стандарди на владеење на правото од страна на Унгарија.

САД / УКРАИНА - Американскиот државен секретар Антони Блинкен ја обвини Москва дека води намерна кампања за злосторствата во украинскиот град Буча, неколку дена откако се појавија докази дека десетици цивили биле убиени од страна на руските војници кои ја окупирале областа со недели пред нивното неодамнешно повлекување.

УКРАИНА - Повеќе од 11 милиони луѓе ги напуштиле своите домови од Украина од почетокот на руската инвазија, објави Агенцијата за миграција на Обединетите нации. Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска во обраќањето до Советот за безбедност на ОН рече: Нема злосторство кое не е сторено во Буча.

МАКЕДОНИЈА - Во земјава нема проблем во делот со снабдување и производство на масло за јадење, изјави денеска министерот за економија Крешник Бектеши.

РУСИЈА / УКРАИНА - Русија не ја отфрла можноста за средба меѓу претседателот Владимир Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски, но тоа може да се случи само откако ќе се договори документот, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

МАКЕДОНИЈА - На казна затвор од три и пол години е осуден поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески за предметот Топлик, кој се однесува на изградбата на Сончев град. Освен Јанакиески, за случајот се осудени уште пет лица од Министерството, кои биле членови на Комисијата за јавни наддавања.

МАКЕДОНИЈА - Министерот за правда Никола Тупанчевски призна дека не ја платил карата за чартер-летот до Палермо каде македонската фудбалска репрезентација играше против Италија. Тој не платил ниту за влез во стадионот каде се одржуваше натпреварот, туку тоа одело на сметка на Фудбласката федерација на Македонија (ФФМ).

МАКЕДОНИЈА / БУГАРИЈА / ЕУ - Македонскиот премиер Димитар Ковачевски денеска на редовниот брифинг со амбасадорите на земјите членки на ЕУ се се осврнал на најважните прашања од евроинтеграцискиот процес на Република Северна Македонија, во контекст на актуелната безбедносна криза со војната во Украина, соопшти владината прес служба.