Американскиот државен секретар Антони Блинкен ја обвини Москва дека води „намерна кампања“ за злосторствата во украинскиот град Буча, неколку дена откако се појавија докази дека десетици цивили биле убиени од страна на руските војници кои ја окупирале областа со недели пред нивното неодамнешно повлекување.
„Она што го видовме во Буча не е случаен чин на непријателска единица“, им рече Блинкен на новинарите на 5 април пред да замине на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Брисел.
„Тоа е намерна кампања за убивање, мачење, силување, злосторства. Извештаите се повеќе од веродостојни, доказите се таму за светот да ги види“, додаде тој.
Блинкен не презентираше никакви докази за да ги поткрепи неговите тврдења.
Откако руските војници се повлекоа минатата недела од Буча, град кој се наоѓа на северозападниот дел на Киев, украинските власти пристигнаа и пронајдоа десетици тела на цивили, од кои многумина беа застрелани во нивните дворови, на улиците и во нивните домови.
Ужасните слики од трупови оставени на отворено, некои со рацете врзани зад себе, предизвикаа меѓународна осуда за Русија, која пак ги отфрли обвинувањата велејќи дека биле „лажни“.