ОН: Над 11 милиони луѓе ги напуштиле домовите во Украина

УКРАИНА - Станбени згради кои беа оштетени за време на украинско-рускиот конфликт во јужниот пристанишен град Мариупол, Украина, 3 април 2022 година

Повеќе од 11 милиони луѓе ги напуштиле своите домови од Украина од почетокот на руската инвазија, објави Агенцијата за миграција на Обединетите нации.

Според последните податоци на Меѓународната организација за миграција над 7,1 милиони се раселени во Украина, а околу 4 милиони избегале во странство.

„Луѓето продолжуваат да ги напуштаат своите домови поради војната, а хуманитарните потреби на теренот продолжуваат да се зголемуваат“, рече шефот на Меѓународната организација за миграција Антонио Виторино.

Тој додаде дека хуманитарните коридори се „итно потребни“ за да се овозможи безбедно евакуација на цивилите и да се обезбеди безбедно транспортирање на хуманитарната помош за помош на внатрешно раселените.

Истражувањето на организацијата покажа дека повеќе од 60 отсто од раселените домаќинства имаат деца, додека 57 отсто имаат постари членови. Околу 30 отсто биле луѓе со хронични болести.

Истражувањето покажа и дека повеќе од една третина од раселените домаќинства немале приходи во последниот месец.

Повеќе од 2,9 милиони други активно размислуваат „да го напуштат местото на вообичаено живеење поради војна“, соопшти Меѓународната организација за миграција .