Премиерката на Молдавија, Наталија Гаврилита изјави дека на нејзината земја и е потребна голема меѓународна поддршка за да се обезбедат најдобри можни услови за бегалците од соседна Украина.
На донаторската конференција во Берлин, Гаврилита рече дека Молдавија од крајот на февруари примила околу 100.000 бегалци од Украина.
Премиерката порача дека Молдавија се обидува да обезбеди пристојни услови за бегалците благодарение на невидената мобилизација на јавниот и приватниот сектор.
„Одговорот на доаѓањето на бегалците е еден од најголемите предизвици со кои се соочи молдавската влада во последните три децении“, рече таа.
Гаврилита додаде дека на Молдавија покрај финансиска, потребна и е помош и за изградба на интерконектор за струја кон Романија.
Гаврилита побара од Европската унија да го отвори својот пазар за увоз на земјоделски производи од Молдавија, во време кога таа земја се оддалечува од Русија поради нејзиниот напад врз Украина.
Според УНХЦР, повеќе од четири милиони луѓе ја напуштиле Украина од почетокот на руската инвазија на 24 февруари.