Средношколците бараат бесплатен јавен превоз

Macedonia - High schoolers from Orce Nikolov, event: Back to nineties

Сојузот на средношколци на Северна Македонија (ССРСМ) денеска пред Министерството за образование и наука побара реформи со кои ќе биде обезбеден бесплатен јавен превоз за сите средношколци, меѓународна соработка и демократско средношколско организирање. Претседателот на ССРСМ Лука Павиќевиќ рече дека Сојузот подготвил два предлог-закони кои се однесуваат на воведувањето на бесплатен јавен превоз и на другите барања.

„На 29 март се сретнавме со градоначалничката на Скопје (Данела Арсовска). Нашите идеи наидоа на поддршка и разбирање. Начелно договоривме и состанок со Управниот одбор на ЗЕЛС“, рече Павиќевиќ.

Исто така, Павиќевиќ рече дека подготвиле и предлог-закон кој ќе гарантира постоење на ученички совети во секое училиште, нивна независност од другите органи на училишната управа и демократски непосредни избори за претседателите на ученичките совети.

ССРСМ очекува консензуална поддршка за овој предлог-закон.

„Средношколското организирање е круцијално за канализирањето на гласот на средношколците и исполнување на нивните барања и интереси“, вели Павиќевиќ.