Кремљ- Путин и Зеленски може да се сретнат откако ќе завршат преговорите

Русија не ја отфрла можноста за средба меѓу претседателот Владимир Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски, но тоа може да се случи само откако ќе се договори документот, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Русија и Украина ги продолжуваат интензивните мировни разговори преку видео врска, објави новинската агенција Интерфакс, цитирајќи изјава на заменик рускиот министер за надворешни работи.

Песков одби да коментира за напредокот на разговорите.

Зеленски –Нема друг избор освен мировни преговори со Русија

Претходно украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека „нема друг избор“ освен да се преговара за крај на војната со Русија. Тој додава дека тоа е изборот дури и ако тоа е тешко да се направи поради сигналите кои покажуваат дека можеби руската војска извршила злосторства врз цивилите во Буча.

Ужасните слики од трупови оставени на отворено, некои со рацете врзани зад себе, предизвикаа меѓународна осуда за Русија, која пак, ги отфрли обвинувањата посочувајќи дека се „лажни“.

Германија, Франција, Данска и Италија реагираа со протерување на десетици руски дипломати, посочувајќи дека тоа се шпиони.