Македонскиот премиер Димитар Ковачевски денеска на редовниот брифинг со амбасадорите на земјите членки на ЕУ се се осврнал на најважните прашања од евроинтеграцискиот процес на Република Северна Македонија, во контекст на актуелната безбедносна криза со војната во Украина, соопшти владината прес служба.
„Поминуваме низ драматични времиња поради трагичната ситуација во Украина и бруталната агресија на Русија против друга европска држава која предизвика огромен број мртви, беда и болка кај нејзините граѓани. Нашите мисли денес се со нашите украински пријатели кои го заслужуваат нашето најголемо внимание, поддршка и ангажман“, рекол Ковачевски.
Стејт Департмент по изјавата на Петков- Време е да му се даде приоритет на Западен Балкан
Во соопштението е наведено дека Македонија е на иста линија на надворешна политика со ЕУ посебно во делот на санкции, но и учество во хуманитарната помош.
„За Северна Македонија, задоцнетиот процес на интеграција во ЕУ е извор на системска ранливост, чиишто ефекти се прелеваат на целиот регион, а злонамерните актери лесно и вешто го искористуваат“, изјавил Ковачевски.
Тој посочил дека е императив да се одржат првите меѓувладини конференции и да се отпочнат пристапните преговори и со Северна Македонија и со Албанија сега, за време на француското претседателство со ЕУ.
„Ако ништо не се случи до јуни ќе страда самиот политички моментум. Многупати во меѓусебните разговори со европските колеги го слушам аргументот за влијанието на изборните циклуси. Политичката поддршка, како и насекаде, се важни за вас, како и за нас. Тогаш зошто да се ризикува да се изгуби посветен партнер подготвен да ја направи вистинската работа? Каква порака би испратило тоа до останатите земји и народите од Западен Балкан?“ изјавил Ковачевски.
Според него, малку е потребно за да се шутне топката во вистинската насока и да се постигне заедничка победа и за Северна Македонија и за Западен Балкан и за Бугарија и ЕУ во целина.