Сега е време да се даде приоритет на мирот и безбедноста на Западен Балкан, изјави Стејт департментот за Гласот на Америка, одговарајќи на прашањето дали САД се загрижени за информациите од Бугарија дека постои ризик Западен Балкан да стане регион на нестабилност поради делување на руски агенти.
Бугарскиот премиер Кирил Петков пред неколку дена предупреди дека Бугарската државна агенција за национална безбедност истражува шпиони кои работат против разбирање меѓу Северна Македонија и Бугарија, како и против европската иднина на Западниот Балкан.
„Нема што да споделиме за коментарите на премиерот Петков. Би ве упатиле до Владата на Бугарија. Во однос на стабилноста во регионот на Западен Балкан, руските обиди да се промовира политички раздор не се нови. Сега е време да се даде приоритет на мирот и безбедноста на Западен Балкан“, се вели во изјавата на портпарол на Стејт департментот.
Османи - И кај нас и во Бугарија ќе има обиди на „спојлери“ да го попречат подобрувањето на односите
Македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи на неделниот брифинг изјави дека лица вработени во македонските државни институции агитирале да не се постигне договор со Бугарија оти наскоро во Северна Македонија ќе имало предвремени избори.
„Оваа недела од Северна Македонија се јавувале во Бугарија кажувајќи дека непотребен е целиот ангажман затоа што овде ќе се оди брзо на избори, дека ќе има предвремени избори и дека нема да може ниту да се постигне одредено решение. Таквите обиди се од луѓе во институции кои се на иста линија со оние кои ги коментира премиерот на Бугарија Кирил Петков“, рече Османи на брифинг за новинарите.
Премиерот Димитар Ковачевски вчера изјави дека знаел за овие информации и дека преземени се мерки за македонски службеници за кои има сомнеж дека работеле против добрососедските односи на двете земји.
„Со министерот за надворешни работи од првиот ден имавме информација за тоа што се случи и тоа беше предадено на службите за безбедност што се задолжени за таа проблематика. Детали не можам да откривам, бидејќи се работи за класифицирани информации“ изјави Ковачевски на прес – конференција во Битола.
Тој додаде дека во Бугарија веќе има истрага за таа тема и дека тој не гледа причини зошто да не му верува на својот бугарски колега Петков.
„За нашите службеници преземени се активности, но не можам да ви кажам други детали“, додаде тој.
Пендаровски: Tреба да му се верува на Петков за руските агенти кои работеле против Скопје и Софија
Македонскиот претседател Стево Пендаровски, пак, во писмен одговор до дел од медиумите посочи дека не може да ја коментира изјавата на бугарскиот премиер Петков дека руски агенти работеле против постигнување договор со Северна Македонија, бидејќи се базирала на сознанија и информации од бугарските институции и служби.
Петмина вработени во Руската амбасада во Скопје беа протерани минатата недела оти, како што изјави Пендаровски, „излегле од мандатот што го имале“.
САД минатата недела го поздравија протерувањето на руски разузнавачи од страна на сојузниците во Европа и светот.