Зеленски ја обвини Русија за воени злосторства во Буча

Украинскиот претседател Володимир Зеленски за време на посетата на Буча

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја обвини Русија дека извршила воени злосторства во Буча, откако десетици тела беа пронајдени на улиците на градот по истиснувањето на руските сили од областа.

Додека ја обиколи областа која се наоѓа северозападно од Киев, Зеленски, облечен во елек отпорен на куршуми и придружуван од воен персонал, зборуваше со нацијата на телевизија, велејќи дека таквите сцени го отежнуваат седнувањето на маса со Русија за да преговараат за ставање крај на неиспровоцираната војна што Москва ја започна минатиот месец.

„Секој ден, кога нашите борци влегуваат и повторно заземаат територија, гледате што се случува. Ова се воени злосторства и светот ќе ги признае како геноцид“, рече Зеленски, додавајќи дека очекува докази за слични злосторства да се најдат и во други окупирани региони откако руските сили ќе бидат соборени.

Фотографиите и видеата на кои се прикажани десетици тела на мртви цивили, некои со врзани раце, шокираа многумина и поттикнаа повици за засилени санкции против Русија и кривично гонење на сторителите.

Кремљ негираше дека руските трупи кои ја окупираа областа пред да се повлечат кон крајот на минатата недела се одговорни за убиствата.