Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека се преземени мерки за македонските службеници за кои има сомнеж дека работеле против добрососедските односи меѓу С.Македонија и Бугарија.
„Со министерот за надворешни работи од првиот ден имавме информација за тоа што се случи и тоа беше предадено на службите за безбедност што се задолжени за таа проблематика. Детали не можам да откривам, бидејќи се работи за класифицирани информации. Премиерот Кирил Петков даде јавна изјава дека постојат лица кои работеле против нивните интереси (интересите на Бугарија), а потоа и против добрососедските односи и против постигнувањето на евентуален договор. Како што е познато, во Бугарија има истрага, а јас немам причини да не му верувам на премиерот на Бугарија бидејќи тој тоа многу транспарненто го соопшти во обем на кој може да се соопшти, бидејќи се работи за класифицирани информации и истрага. За нашите службеници преземени се активности, но не можам да ви кажам други детали“, изјави премиерот Димитар Ковачевски на прес- конференција во Битола.
Бугарскиот премиер Кирил Петков изјави дека агентите што биле откриени како руски шпиони во бугарската Државна агенција „Национална безбедност“ (ДАНС), работеле против добрососедските односи на Бугарија со Северна Македонија и со Западниот Балкан.
- Османи - И кај нас и во Бугарија ќе има обиди на „спојлери“ да го попречат подобрувањето на односите
Ковачевски додаде дека односите меѓу двете земји се на многу подобро и на многу повисоко ниво на комуникација отколку што биле во периодот пред доаѓањето на двете нови влади.
Бугарија ги блокира македонските евроинтеграции со тврдење дека земјава ја краде бугарската историја и оти македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот. Властите во двете земји велат дека има напредок во надминување на проблемите, но засега нема конечно решение.