Вработените во Пошта најавија генерален штрајк

Илустрација

Синдикатот на Македонска пошта и Синдикалната организација на А.Д. Пошта на Северна Македонија денеска најавија дека на 14 април ќе стапат во генерален штрајк, доколку не бидат исполнети барањата за итно и неодложно линеарно покачување на нето платите на вработените во износ од 3000 денари.

„Поради неуспешниот трипартитен дијалог помеѓу Управниот одбор на Пошта на С. Македонија, Владата и Синдикалните организации на Пошта на С. Македонија, и нереализирање на барањата на вработените и Синдикалните организации на А.Д. Пошта на Северна Македонија, Централниот одбор на Синдикат на Македонска пошта (СМП) и Извршниот одбор на Синдикалната организација на А.Д. Пошта на Северна Македонија (СОПСМ) на 31 март донесоа одлука за започнување генерален штрајк“, соопштија синдикалните организации, кои на 19-ти минатиот месец го ставија во мирување најавениот протест поради почнатите преговори.


Причините за започнување на генерален штрајк, како што наведуваат, се однесуваат на загриженоста кај над 2200 вработени за иднината на компанијата и неизвесноста од зачувување на нивните работни места, незадоволството од нереализирање на барањето за линерно покачување на нето платите на вработените во висина од 3.000 денари кои не се покачени повеќе од 30 години, супстандардни услови за работа, повеќегодишно необезбедување на средства за работа, незадоволство на вработените од постоечката систематизација и нереализирање на дел од барањата на вработените и синдикалните организации наведени во Заклучоците од 15 октомври минатата година.

Работата на А.Д. Пошта на Северна Македонија, според соопштението, ќе биде целосно во прекин освен за неопходните активности кои давателите на поштенски услуги мора да ги обезбедат непречено, согласно Законот за поштенски услуги член 49 и Колективниот договор на ниво на работодавач.