Тајно снимените разговори меѓу поранешниот премиер и бегалец Никола Груевски и бизнисменот и обвинет во предметот „Плацеви на Водно“ Орце Камчев денеска не беа прифатени како докази на судското рочиште за овој предмет.
Судијата Илија Трпов на рочиштето соопшти дека новите аудио разговорите кои викендов беа објавени на социјалната платформа јутјуб меѓу нив двајца нема да се третираат како докази во постапката.
На денешното продолжение на предметот „Плацеви на Водно“адвокатот на Груевски како доказ приложи вештачење дека разговорот меѓу Груевски и Камчев е автентичен.. Во овој предмет првобвинет е Груевски, потоа Орце Камчев, Ристо Новачевски, Ненад Јосифовиќ, Сашо Мијалков и Ратка Камчева.
Обвинителката во предметот Лиле Стефанова пред судијата изјави дека овие разговори се незаконски снимени, односно дека Груевски го снимал разговорот со телефон без да му каже на соговорникот и дека во нив стои само интересот на Груевски, односно во нив нема јавен интерес.
Таа посочи дека ако се признаат како докази овие снимки, тогаш треба да бидат прифатени како доказ јавно објавените разговори во кои обвинетиот Груевски кажал дека „си нашол земјиште по џабалк“.
Одбраната на Камчев ја подржаа обвинителката Стефанова.
Груевски вчера на социјалната мрежа Фејсбук на својот профил ја потврди автентичноста на разговорот.
„Денес многумина ме прашуваат дали овие разговори што вчера се појавија на YouTube каналот The true above all помеѓу мене и Камчев се случиле и дали ќе влијаат на судскиот процес. Да, тие разговори се случија во фебруари 2021 година. Овие разговори ги водевме на почетокот на процесот и тие уште еднаш покажуваат под каков брутален притисок се луѓето опфатени и ставени на листата на власта за политички прогон, каде правосудниот систем е само егзекуторот, вклучително и против самиот Камчев. Секако јас сум прв на листата за “отстрел” па подготвени се на секакви работи само за што повеќе да ме обвинат и осудат“,вели Груевски во својот пост.
Кандидатот за премиер на унгарската опозиција ако дојде на власт ќе го екстрадира Груевски
Груевски во ноември 2018 година избега во Будимпешта откако беше осуден на двегодишна затворска казна за предметот на СЈО, „Тенк“ за набавката на луксузниот мерцедес од 580.000 евра. Судот во Унгарија во јуни 2019 година донесе одлука да не го екстрадира Груевски, откако тоа го побараа македонските власти. Според Судот во Будимпешта, не биле исполнети услови за негова екстрадиција во Северна Македонија.
Груевски во Унгарија бара азил - кој е одговорен?
Викендов беа објавени телефонски разговори меѓу Груевски и Камчев во кои двајцата разговараат за случајот „Плацеви на Водно“ односно што кажал Камчев во исказот пред обвинителството.
Камчев е меѓу обвинетите, бидејќи, според обвинителството, преку купопродажба учествувал во затскривање на трагите дека овој имот всушност е на Груевски. На последните рочишта, Камчев призна дека плацевите биле на Груевски, кој, според Камчев, потоа постигнал договор да ги трампа за 3 ексклузивни станови во комплексот Панорама.
Но, во објавените разговори според она што се слуша во нив, наводно Камчев му говори на Груевски за исказот што го дал пред обвинителството, истакнувајќи дека рекол оти Груевски немал никаква врска со нив.
Од денеска се замрзнати трите луксузни стана во „Панорама“, на Водно, кои наводно се чувале за екс премиерот Никола Груевски. Оваа одлука ја донесе Кривичниот суд по барање на обвинителката Лиле Стефанова, која е застапник на обвинението во случајот „Плацевите на Водно“.
Становите, со вкупна површина од 750 метри квадратни, на хартија се на фирмата „ССИ Инвестмент“, но според Орце Камчев и неговиот зет Мето Стојчевски, тие се чувале за Груевски, а за замена за плацевите на Водно.