Македонија денеска го одбележува Денот на НАТО како 30 – полноправна земја членка на Алијансата. Македонскиот премиер Димитар Ковачевски на свечената церемонија изјави дека земјава е фактор за стабилност и безбедност во регионот во која граѓаните имаат сигурна иднина.
Ковачевски во својот говор порача дека на земјава и се потребни предвидливи, веродостојни, засилени и забрзани процеси на интеграција во ЕУ, бидејќи прашањето на проширувањето, веќе е и геостратешко и безбеносно прашање и дека евро-интегратвните процеси треба да започнат без ден одлагање.
„Процесот на интеграција во НАТО Алијансата беше долг, но сега во криза гледаме колку значи да се биде земја чија безбедност се гарантира од страна на најголемиот безбедносен и одбранбен сојуз. Продолжуваме мотивирано и одлучно кон остварување на втората наша стратешка цел – членство во ЕУ. Ја имаме целосната поддршка од САД и нашите европски партнери и високо ги цениме пораките за забрзување на отворањето на пристапните преговори со ЕУ“, изјави Ковачевски.
Со Северна Македонија НАТО сојузот само се засили, изјави американската амбасадорка Кејт Мери Брнз во видео обраќањето на одбележувањето на Денот на НАТО. Таа додаде дека како рамноправен партнер,САД се горди што стојат обединети со Северна Македонија. Сега, кога неоправданата агресија на Русија во Украина ја загрозува регионалната безбедност, Брнз вели дека, гледаме колку е важно тоа партнерство и за Северна Македонија и за Европа.
„Како вреден и рамноправен партнер, Северна Македонија доброволно го сподели товарот за одговор на оваа актуелна закана. Стоејќи рамо до рамо во солидарност со своите соседи и сојузници цврста во својата посветеност на мирот и безбедноста за цела Европа преку дипломатски и воени средства – Северна Македонија е пример на духот на овој одбранбен сојуз кој беше создаден пред 73 години“, изјави Брнз, во видео обраќање.
Тицињски - Полска сака преговорите со ЕУ да ги почнете уште утре
Министерката за одбрана Славјанка Петровска во своето излагање вели дека гледано од денешна перспектива јасно е дека Македонија стана членка на Алијансата во вистински момент.
„Ние сме НАТО, а Денот на НАТО е и наш ден, ние сме на праведната страна на историјата. Цврсто веруваме во принципот на Алијансата: еден за сите – сите за еден, “ изјави таа.
Според неа земјава е рекордер по брзината со која го заврши процесот на воена интеграција во Алијансата. Петровска додава дека денеска повторно сме соочени со предизвици, со немилосрдна војна.
„Оваа кризата покажува колку е непредвидлив светот во кој живееме и колку е важно да имаме сојузници“, изјави министерката.
Петровска: Безбедносната состојба е стабилна, ќе одговориме соодветно ако побараат наши војници
Петровска денеска апелираше до компаниите и стопанските комори, да ја засилат соработката и максимално да ја искористат можноста за влез на нашите бизниси на пазарот на НАТО.
„Се отвори и можноста за нашите компании активно да учествуваат на јавните набавки кои се објавуваат од НАТО агенциите за набавки. Досега, постапката за регистрација за учество на НАТО-јавните набавки ја имаат направено 13 компании. Но, јас ве охрабрувам заедно да ги искоритиме овие можности“, изјави министерката Петровска.
Свечената церемонија за Денот на НАТО е организација на Евроатлантскиот Совет на Северна Македонија, а во соработка со Министерството за одбрана, Едукативниот Центар М6 и НАТО Секторот за јавна дипломатија од Брисел.