До 14 часот на изборите во Србија излезност е 31,56 отсто, соопшти тамошната Изборна комисија.
Претседателот на Републичката изборна комисија (РИК) на прес-конференција рече дека гласањето тече во демократска и фер атмосфера и дека не се регистрирани поголеми проблеми.
Во Србија граѓаните од 07 до 20 часот гласаат на претседателските избори, предвремените парламентарни избори и избори за Собранието на Белград и уште 13 градови и општини. За околу 100.000 гласачи од Косово гласањето на изборите е организирано во најблиските општини во централна Србија.
Набљудувачите на невладините организации кои следат избори ЦЕСИД и ЦРТА соопштија дека веќе во првиот дел од изборниот ден забележале повеќе случаи на физичко и вербално насилство на избирачките места, непочитување на процедурите, сликање на гласачките листи, користење на мобилните телефони, физичка пресметка во Нови Пазар поради што доцнеше отворањето на едно гласачко место, а информираат и за голем број други насилни инциденти.
РИК потврди дека во Земун е дојдено до физички напад врз лидерот на опозициското Движење на слободни граѓани, Павле Грбовиќ, како и на еден пратеник на владејачката СНС во Чачак и на член на движењето „Да не го давиме Белград“.
„Припадниците на Министерството за внатрешни работи ги преземаат сите мерки и дејствија за расветлување на околностите за инцидентите што се случија на денешниот изборен процес во Чачак и белградската општина Земун“, соопштија од српското МВР.
Изборите во Србија ги следат повеќе од 4.000 набљудувачи од домашните организации ЦРТА и ЦЕСИД, како и делегации од Европскиот парламент, Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР) и Европската мрежа на организации за набљудување на изборите (ЕНЕМО).
На претседателските избори на гласачкото ливче има осум кандидати, а за парламентарните се пријавени 19 листи.
Во два града и 12 општини се гласа за состав на локални парламенти – во Белград, Бор, а советници ќе се избираат во општините Аранѓеловац, Смедеревска Паланка, Севојно, Лучани, Књажевац, Медвеѓа, Бајина Башта, Дољевац, Кула, Кладово, Мајданпек и Сечањ.
Граѓаните избираат и 110 советници во белградското Собрание, кои потоа ќе го изберат градоначалникот на главниот град на Србија.
Првите прелиминарни резултати РИК ќе ги објави 24 часа по затворањето на гласачките места, в понеделник на 4 април до 20 часот.