Континуирано има обиди Западниот Балкан да не се движи со соодветна динамика кон ЕУ и тоа преку прокси играчи – дали во регионот или нашите држави. Не исклучувам дека и во нашата земја има и ќе има сè повеќе. Колку повеќе ќе се зголемат изгледите за изнаоѓање на решение за забрзување на европскиот пат, толку повеќе ќе се најдат вознемирени луѓето коишто цело време работеа оваа перспектива да не се случи, истакна на денешниот брифинг министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Министерот нагласи дека оваа недела луѓе од институции од земјава се јавувале во Бугарија кажувајќи дека не е потребен целиот ангажман затоа што „овде ќе се оди брзо на предвремени избори и дека нема да може ниту да се постигне одредено решение“.
„Сметам дека овие луѓе се на иста линија со оние кои ги коментира премиерот на Бугарија Петков. Луѓе кои ќе се обидат да го задржат отворено прашањето со Бугарија, да го одржат закочен процесот на европска интеграција, за да може овој регион секогаш да биде платформа за некој да го користи за остварување на свои цели. Регионот, земјите членки, ЕУ, Трансатлантскиот сојуз имаат потреба за стратешко лидерство во овој период со цел регионот да се консолидира безбедносно, политички и економски“, нагласи Османи.
Тој вели дека не може да каже за кои луѓе или институции станува збор, бидејќи тоа се испитува, но како што нагласи, и кај нас и во Република Бугарија ќе има обиди на т.н. „спојлери“ кои ќе се обидат да го попречат процесот на подобрување на билатералната соработка и деблокирање на европските перспективи.
Според министерот, интерес од блокирање на европската перспектива на регионот имаат само трети страни кои, како што рече, посакуваат Европа да биде ослабната, но оти нема да има таква сила која ќе може да ја попречи волјата на нашите граѓани оваа земја да стане членка на ЕУ.
Бугарскиот премиер Кирил Петков вчера рече дека руски агенти во бугарската служба за безбедност работеле против добрососедските односи на Бугарија со Македонија и со Западниот Балкан.
Бугарија ги блокира македонските евроинтеграции со тврдење дека земјава ја краде бугарската историја и оти македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот. Властите во двете земји велат дека има напредок во надминување на проблемите, но засега нема конечно решение.