Едно лице загина, а 37 се повредени во експлозија која се случила ноќеска во дискотека во главниот град на Азербејџан, Баку, соопшти обвинителството.
Како што пренесува руската новинска агенција РИА Новости, обвинителството наведе дека загинала 43-годишна работничка во диското, и дека четворица повредени се во тешка состојба.
Според лекарски извори, меѓу повредените има и еден италијански и еден сенегалски државјанин.
Експлозијата се случила ноќеска околу 3 часот поради истекување од боца за течен гас, наведува азербејџанската гасна компанија Азеригас.
Пожарот предизвикан од експлозијата е изгаснат.