Избори за зацврстување на моќта на Вучиќ во Србија

Српскиот претседател Александар Вучиќ гласа на изборите

Во Србија денеска се одржуваат претседателски, парламентари и локални избори во Белград и уште 11 општини. Според анкетите, се очекува убедлива победа на претседателот Александар Вучиќ и на неговата Српска напредна странка.

Во Србија денеска се одржуваат претседателски, парламентарни и делумни локални избори. Се очекува актуелниот популистички претседател Александар Вучиќ, кој има блиски односи со Москва, да освои нов петгодишен мандат.

На парламентарните избори исто така се очекува победа на десничарската Српска напредна странка на Вучиќ.

Видете и ова: Српската опозиција со нови луѓе во обид за релевантност на изборите

Пет години по освојувањето на првиот претседателски мандат, Вучиќ останува доминантна сила во Србија, повикувајќи на мир и стабилност во време на руската инвазија врз Украина, кога Европа ја потресува најголемиот воен конфликт од Втората светска војна.

Критичарите на Вучиќ го обвинуваат дека ја држи власта со цврста контрола врз медиумите и државните институции, а 43 отсто од испитаниците во анкетата на Демостат минатиот месец одговориле дека не веруваат дека изборите ќе бидат слободни или фер.

„Во изминатите години, владејачката Српска напредна странка (СНС) постојано ги еродира политичките права и граѓанските слободи, вршејќи притисок врз независните медиуми, опозицијата и граѓанските организации“, се вели во најновата оценка на Фридом хаус за Србија, која е рангирана на 62 место од 100 земји според индексот за слобода за 2021 година.

На претседателските избори учествуваат осум кандидати. Главниот противник на Вучиќ е пензионираниот воен генерал Здравко Понош, кој се појави како изненадувачки кандидат на проевропската опозиција.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Многу гласачки ливчиња, малку изненадувања на изборите во Србија

Понош, кој има 60 години, „е кандидат од десниот центар и се чини дека опозицијата сака да најде поединец кој може да биде добар кандидат за она што се смета за политички меинстрим во Србија, кој повеќе се приклонува кон десно“, оцени Бојан Клачар од белградскиот Центар за слободни избори и демократија.

Сепак, се чини дека во Србија нема да дојде до промени на власта. Анкетата на белградскиот Институт за европски прашања предвидува дека Вучиќ ќе победи во првиот круг со околу 60 отсто од гласовите, додека Понош ќе заврши втор со 18 отсто.

Според нивната анкета, во новиот парламент со 250 места, ќе влезат четири или 5 партии. Се очекува владејачката СНС да освои 57 отсто од гласовите, опозициската Обединета Србија 19 отсто, Социјалистичката партија на Србија 6,6 отсто, Мораме! 5,7 отсто. Рејтингот на НАДА се движи околу изборниот праг од 3 отсто и би можела да го надмине прагот и партијата да влезе во Парламентот.

За парламентарните избори предложени се 19 коалициски и партиски листи.

Ваквиот резултат би бил огромна победа за СНС на Вучиќ, бидејќи партијата за првпат ќе го надмине прагот од 50 проценти.

Локални избори се одржуваат за градот Белград и уште 11 градови. Во Белград граѓаните гласаат за новото свикување на Градското собрание кое го сочинуваат 110 советници, кои потоа ќе го изберат градоначалникот на главниот град на Србија. Локални избори се одржуваат и во Аранѓеловац, Кула, Мајданпек, Бор, Медвеѓа, Дољевац, Лучани, Севојно, Сечањ, Смедеревска Паланка, Кладово и Бајина Башта.

Од 7 до 20 часот 6.501.689 запишани гласачи може да излезат на изборите за претседател, пратеници и советници во градското собрание на Белград и на уште 11 градови и општини низ земјата.

Се гласа на 8.267 избирачки места, но првпат не и во Косово поради одлуката на косовската Влада. Српските гласачи од Косово ќе гласаат во Тутин, Рашка, Куршумлија и Бујановац.Косовските граѓани од српска националност организирано заминуваат во српски градови за да гласаат на претседателските и парламентарните избори што се одржуваат во Србија.

Косовските власти не дозволија да се отворат избирачките места во српските средини во Косово, оти не беше постигнат договор меѓу двете Влади. Премиерот Албин Курти инсистираше на тоа српските власти да испратат официјално барање до Косово за одржување избори, што Србија го оцени како притисок за признавање на Косово и одби да го направи тоа.

Курти не попушти ниту пред притисоците на Европска унија и на САД за да овозможи организирано гласање на Србите во северно Косово, по што Белград одлучи за нив да отвори гласачки места во градовите Тутин, Рашка, Куршумлија и Врање. Медиумите јавуваат дека косовските Србија од утринава организирано се носат на гласање во Србија.