Украинскиот град Одеса на Црното Море рано утринава беше мета на воздушни напади, соопшти претставникот на украинското Министерство за внатрешни работи Антон Херашченко на Телеграм.
„Во некои области беа пријавени пожари. Некои од ракетите беа соборени од противвоздушната одбрана“, напиша тој.
„Војната на Путин“: Што да се очекува во следната фаза од руската инвазија?
Одеса, со околу 1 милион жители, е најголемото пристаниште на Црното Море сè уште под украинска контрола.
Руското Министерство за одбрана денеска соопшти дека нападнале рафинерија и складишта за нафта во близина на градот. Министерството соопшти дека руските сили нападнале 28 украински воени објекти ширум Украина.
Во меѓувреме, шефот на рускиот преговарачки тим со Украина Владимир Медински на Телеграм напиша дека на преговорите не бил постигнат доволен напредок за да се организира средба меѓу претседателите на двете земји Володимир Зеленски и Владимир Путин.
Тој исто така нагласи дека „руската позиција за Крим и Донбас останува непроменета“. Москва во 2014 година го анектираше Кримскиот Полуостров од Украина, а пред почетокот на нападот врз Украина на 24 февруари ја призна независноста на таканаречените републики Доњецк и Луганск.
Украинскиот претседател Зеленски вчера предупреди дека Русија подготвува „силни напади“ на југот на земјата, откако ги повлече своите сили од областите околу Киев и Чернигив на северот.
Во денешниот билтен на британското Министерство за одбрана се наведува дека Русија продолжува да го блокира пристапот до Украина преку Црното и Азовското Море.
Русија „ја задржува способноста да се обиде да изведе амфибиски десант долж јужниот брег на Украина“, „но таквата операција веројатно има се повисок ризик со оглед на времето што украинските сили го имаа да се подготват“, се наведува во нивната објава на Твитер.
Околу 100 илјади луѓе се уште остануваат заглавени во разурнатиот град Мариупол на Азовското Море. Аналитичарите веруваат дека Русија сака да го заземе градот за да создаде копнена врска меѓу Донбас и Крим.
Во меѓувреме продолжуваат обидите за евакуација на граѓаните заглавени во Мариупол. Црвениот крст вчера се откажа од обидот да испрати конвој за евакуација поради нестабилната воена ситуација во областа.