Претседателски, парламентарни и делумни локални избори во Србија

Гласање во Белград

Во Србија денеска се одржуваат претседателски, парламентарни и избори за градот Белград и уште 11 градови. Од седум до 20 часот 6.501.689 запишани гласачи избираат претседател на Србија со мандат од пет години, пратеници во српскиот Парламент со мандат од четири години, советници во градското собрание на Белград и на уште 11 градови и општини низ земјата.

Ќе се гласа на 8.267 избирачки места, но првпат не и во Косово поради одлуката на косовската Влада. Српските гласачи од Косово ќе гласаат во Тутин, Рашка, Куршумлија и Бујановац.

На претседателските избори учествуваат осум кандидати, а нивниот редослед е одреден со ждрепка.

За парламентарните избори предложени се 19 коалициски и партиски листи, а редоследот на гласачкото ливче e утврден според редоследот по кој тие беа доставени до Републичката изборна комисија (РИК).

На парламентарните избори, според пропорционалниот систем, за Народното собрание на Република Србија се избираат 250 пратеници. Според важечкиот Изборен закон, Република Србија претставува една изборна единица. Пратеничките мандати се распределуваат пропорционално на бројот на освоени гласови. Политичките партии на националните малцинства при распределбата на мандатите, доколку не го надминат изборниот цензус од три отсто, подлежат на „природен праг“, кој се добива кога бројот на важечки гласови ќе се подели со 250 пратеници за секое место, што во зависност од излезноста на изборите, претставува меѓу 12.000 и 16.000 гласови.

Во Белград граѓаните гласаат за новото свикување на Градското собрание кое го сочинуваат 110 советници, кои потоа ќе го изберат градоначалникот на главниот град на Србија.

Владејачката Српска напредна странка и претседателот Александар Вучиќ се фаворити на изборите. Сепак, анкетите покажуваат дека трката за локалната власт во Белград ќе биде неизвесна.

Во единствениот избирачки список за подрачјето на град Белград се запишани 1.600.214 гласачи, кои гласаат на 1.198 избирачки места.
Локални избори се одржуваат и во Аранѓеловац, Кула, Мајданпек, Бор, Медвеѓа, Дољевац, Лучани, Севојно, Сечањ, Смедеревска Паланка, Кладово и Бајина Башта.

Републичката изборна комисија е должна најдоцна до 7 април до 20 часот да ги објави официјалните резултати од изборите.