Изборите во Унгарија, предизвик за Орбан

Унгарскиот премиер Виктор Орбан

Во Унгарија утре се одржуваат парламентарни избори, на кои долгогодишниот премиер Виктор Орбан и неговата партија Фидес ќе се соочат со најголемиот предизвик досега.

За разлика од претходните избори циклуси, кога убедливо победувашe, 58-годишниот Орбан сега има сериозен ривал. Станува збор за разноликата коалиција Обединети за Унгарија, сојуз од шест партии, предводен од кандидатот за премиер Петер Марки-Зај. Тој е 49-годишeн економист.

Анкетите покажуваат дека Фидес е во благо водство, но дека резултатите од изборите се неизвесни. Според истражување спроведенo од 23 до 25 март, владата на Орбан ја поддржува 44 отсто од гласачите, а опозицијата има поддршка од 42 проценти, со маргина на грешка од 3,5 проценти.

Националистот Орбан кој е на чело на владата од 2010 година се бори за петтиот мандат. Кампањата му се заснова на ветувањето дека ќе го зачува мирот и безбедноста и ќе обезбеди увоз на енергија од Русија, во време на војна со Украина, со која Унгарија се граничи.

Унгарската влада гласаше за најголем дел од санкциите кои ги воведе ЕУ за Русија и дозволи распоредување на НАТО војници во Унгарија, но одби да ѝ испрати оружје на Украина и не дозволи транзит на оружје преку унгарско-украинската граница.

Орбан, кој повеќе од една деценија негуваше блиски политички и економски врски со Русија и нејзиниот претседател Владимир Путин, го осуди рускиот напад врз Украина, но прогласи неутралност на Унгарија во врска со тој конфликт.

Неговата влада жестоко лобира против забраната за увоз на руски енергенси, тврдејќи дека таков чекор би ја уништил економијата на Унгарија. Тој во својата кампања тврди, без да посочи докази, дека опозицијата ќе ја втурне земјата во војна, наведува агенцијата Асошиејтед прес.

„Унгарската политика не е ни проруска, ниту проукраинска, туку е проунгарска. Ако сакаме мир, мора да гласаме за Фидес. Ако сакаме да го ризикуваме нашиот мир, можеме да гласаме за левицата. Ако опозицијата победи в недела, ден подоцна ќе почне испорачувањето на оружје за Украина и ќе се затворат славините за руски гас“, рече Орбан минатата недела за време на кампањата.

Коалицијата Обединети за Унгарија ги остави на страна идеолошките разлики и создаде обединет фронт против Орбан и неговиот политички и економски систем, за кој тврдат дека изобилува со корупција и со ерозија на демократските вредности.

Кандидатот на обединетата опозиција за премиер на изборите во Унгарија, Петер Марки-Зај во интервју за унгарскиот сервис на Радио Слободна Европа на прашање дали доколку дојде на власт ќе го екстрадира поранешниот македонски премиер Никола Груевски, кој доби азил во неговата земја кратко одговара дека тоа ќе го направи веднаш.

Груевски во ноември 2018 година избега во Будимпешта откако беше осуден на двегодишна затворска казна за предметот на СЈО, „Тенк“ за набавката на луксузниот мерцедес од 580.000 евра. Судот во Унгарија во јуни 2019 година донесе одлука да не го екстрадира Груевски, откако тоа го побараа македонските власти. Според Судот во Будимпешта, не биле исполнети услови за негова екстрадиција во Македонија.