Претседателот Стево Пендаровски не ја коментира вчерашната изјава на бугарскиот премиер Кирил Петков, дека руски агенти во Бугарија работеле против добрите односи меѓу Скопје и Софија, но вели дека треба да му се верува бидејќи се работи за актуелен премиер.
„Изјавата на Петков не можам да ја коментирам бидејќи е заснована на информациите на бугарските институции и бугарските служби. Но, бидејќи се работи за актуелен премиер на Бугарија, треба да му се верува“, изјави Пендаровски за телевизија Телма.
Бугарскиот премиер Кирил Петков вчера изјави дека руски агенти во Бугарија работеле против добрите односи меѓу Скопје и Софија.
Петков- Руски агенти работат против Договорот на Бугарија со Македонија
„Тоа што го истражуваме на многу места е голема руска дијаспора на агенти во Бугарија. Државната агенција за национална безбедност (ДАНС) ги истражува. Некои од нив работеле специјално врз добрите односи со Северна Македонија. Рускиот интерес бил фокусиран врз тоа да нема европска иднина за Западен Балкан“, рече Петков за време на посетата на Благоевград.
Претходно, Петков рече дека очекува во најскоро време заедничката историска комисија на Северна Македонија и Бугарија да излезе со резултати. Toj додаде дека е важно што ќе биде ставено во потенцијалната преговарачка рамка, како на пример дали Уставот на Северна Македонија ќе ги вклучува правата на Бугарите и дали ЕУ ќе сака да биде гарант за тоа.