МНР: Средбата на македонските и бугарските историчари помина во позитивна атмосфера и отворен дијалог

Ангел Димитров и Драги Георгиев од комисијата за историски прашања меѓу Бугарија и Северна Македонија

Министерството за надворешни работи информира дека средбата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија поминала во позитивна атмосфера и размена на ставовите од двете страни.

„Средбата помина во позитивна атмосфера, со отворен дијалог и размена на ставови по однос на позициите и интерпретациите на минатото за ХI и XII век“, се наведува во кусото соопштение од МНР по завршувањето на средбата.

Оттаму информираат дека до крајот на годината се планирани уште вкупно четири средби на Комисијата. Наредната средба ќе биде одржана во Софија на 12 и 13 мај 2022 година.

По завршувањето на средбата, претседателот на бугарскиот тим Ангел Димитров, одби да даде изјава, додавајќи дека историчарите од секоја од двете страни подоцна ќе дадат изјава само пред своите медиуми.

Дел од бугарските историчари пред денешната рунда разговори со нивните македонски колеги во Скопје изјавија дека има напредок во работата на Заедничката комисија за историски и образовни прашања меѓу двете земји. Тие потврдија и дека темата за Цар Самоил е завршена работа и оти е договорено негово заедничко чествување, додека пак, темата за Гоце Делчев се уште не е на дневен ред и за неа ќе се расправа само доколку се најде време на денешниот ден од состанокот.

Комисијата која е формирана во 2018 година, согласно Договорот за пријателство потпишан во 2017 година, речиси четири години не успеа да дојде до заедничка препорака за чествување на Делчев. Досега имаат препораки за заедничко чествување на пет личности- Цар Самоил, Кирил и Методиј, Климент и Наум Охридски.