Отказ за вработените во бугарската Агенција за национална безбедност кои шпионирале за Русија

Илустрација

Отказ добија двајцата вработени во бугарската Државна агенција за национална безбедност, кои беа приведени за шпионажа во корист на Русија.

Првиот човек на Агенцијата Пламен Тончев на вонреден брифинг рече дека по собраните податоци го известиле обвинителството, по што била поведена предистражна постапка.

„Државната агенција за национална безбедност на Бугарија има исклучително добро функционален механизам за внатрешна контрола и не се двоумиме да преземеме мерки против нашите вработени, без разлика на нивното ниво, за да ја исчистиме агенцијата од елементите кои не треба да бидат присутни во неа“, рече Тончев.

Вработените работеле во Агенцијата повеќе од пет години.

Според шефот на Агенцијата, по овој случај повеќе руски дипломати би можеле да бидат прогласени за персона нон грата.