Дел од бугарските историчари пред денешната рунда разговори со нивните македонски колеги во Скопје изјавија дека има напредок во работата на Заедничката комисија за историски и образовни прашања меѓу двете земји.
„Состанокот досега поминува добро. Се уште не сме ја завршиле работата, но засега е добро. Има чекори напред,“ одговорија кусо членови на бугарскиот дел од комисијата пред денешната средба, којашто е втора од предвидените пет за оваа година.
Тие потврдија и дека темата за Цар Самоил е завршена работа и оти е договорено негово заедничко чествување, додека пак, темата за Гоце Делчев се уште не е на дневен ред и за неа ќе се расправа само доколку се најде време на денешниот ден од состанокот.
Копретседавачот од македонска страна во заедничката македонско-бугарска Комисија, Драги Ѓоргиев претходно изјави дека работата на Комисијата се одвива во позитивна атмосфера и доколку така продолжи ќе се дојде до приближување на ставовите.
И Ѓорѓиев рече дека темата за Делечев ќе се отвори на овој состанок, доколу остане време.
Комисијата која е формирана во 2018 година, согласно Договорот за пријателство потпишан во 2017 година, речиси четири години не успеа да дојде до заедничка препорака за чествување на Делчев. Досега имаат препораки за заедничко чествување на пет личности- Цар Самоил, Кирил и Методиј, Климент и Наум Охридски.