ЕК: Методологијата и спроведувањето на пописот согласно сите стандарди

Илустрација

Европската комисија соопшти дека не ги доведува во прашање резултатите и методологијата на пописот во Северна Македонија, чии резултати беа презентирани во средата.

„Не ги коментираме тие наводи. Како што е кажано во Извештајот за Северна Македонија од 2021, Законот и Методологијата, врз кои се базирани подготвувањето, организацијата и спроведувањето на пописот, се широко усогласени со релевантните стандарди дефинирани со статистичкото законодавство на Европската Унија“, изјави денеска за МИА портпаролката Ана Писонеро.

Европската Комисија по објавување на резултатите го поздрави пописот нарекувајќи го големо достигнување.

Вкупното попишано население во земјава изнесува 2 097 319 лица, од кои 1 836 713 живеат во државата. Нерезидентно население, односно луѓе кои повеќе од една година не живеат во земјава опфатени со пописот изнесува 260 606 лица. Не се попишани на терен вкупно 132 260 луѓе за кои податоците се преземени од административни извори.

Од вкупното резидентно население во земјава 58,4 проценти од населението се изјасниле како Македонци, а 24,3 како етнички Албанци, 3,86 проценти како Турци, потоа 2,53 проценти како Роми, како Власи се изјасниле 0,47, како Срби 1, 3 отсто и 0, 87 проценти како Бошњаци.