Министерот за економија Крешник Бектеши денеска изјави дека Владата со навремени мерки успеала да се справи со ценовниот шок на струјата и парното.
„Успеавме да обезбедиме минимален раст на цената на струјата и парното, а во време кога сите земји во регионот имаат рестрикции на струја, обезбедивме непречено снабдување со електрична енергија за сите домаќинства и мали потрошувачи“, порача Бектеши.
Тој додаде дека со цел да се амортизира покачувањето на цената на електричната енергија и на парното, од Буџетот на државата на двапати на ЕСМ му биле префрлени околу 171 милион евра. Со средствата кои што Владата ги обезбедила за АД ЕСМ, според него, компанијата била задолжена да ги набави потребните количини на гас, мазут, јаглен со цел да ги активира сите домашни капацитети за непречена испорака на електрична енергија до Универзалниот снабдувач ЕВН хоум, но и топлинска енергија до корисниците на парно.
„Овие мерки резултираа со многу помала корекција на цената на електричната енергија за домаќинствата и малите потрошувачи која од почетокот на годината се зголеми за 9,4 отсто додека цената на струјата на берзите бележеше рекорди, како и помали цени на топлинската енергија за корисниците на парно од реалната пазарна вредност, односно цената изнесува околу 20 отсто од пазарната“, потенцира Бектеши и додаде дека во цела Европа имало покачувања на цената на струјата од 20 до 30 отсто, а во Турција за 120 проценти.
Генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски истакна дека изминатите седум месеци биле најтешките од постоењето на компанијата. Според него, од добиените средства речиси 6 милиони евра се искористени за набавка на гас, 2,7 милиони евра за јаглен, скоро 32 милиони евра за мазут, а 36 милиони евра за набавка на електрична енергија. На МЕПСО, како што наведе, му се префрлени 12 милиони евра за повлечената енергија од европскиот систем.
„Денеска сакаме да објавиме дека ги завршивме договорите за деловно-техничка соработка со ТЕЦ Неготино и со ТЕТО. Во изминатите 3 до 4 месеци овие два капацитети многу помогнаа во системот и со нивното интегрирање во работењето на АД ЕСМ се заштедија 31 милион евра. Од денеска ЕСМ продолжува да снабдува само преку своите капацитети-два блока во РЕК Битола, РЕК Осломеј, гасната електрана КОГЕЛ Скопје, хидроелектраните и ветерниот парк. Со ова производство се задоволува конзумот на домаќинствата и малите потрошувачи“, рече Ковачевски.
Тој најави дека АД ЕСМ ќе продолжи да инвестира во нови капацитети и со тоа, како што кажа, ќе ја зголеми инсталираната моќ од сега постојните 1.420 на 1.760 мегавати.