Десетици цркви, историски локалитети и музеи се оштетени од војната во Украина, соопшти денеска агенцијата за култура на Обединетите нации, додавајќи дека е особено загрижена за северниот град Чернихив.
Минатиот месец УНЕСКО соопшти дека ги зајакнала заштитните мерки за загрозеното културно наследство на Украина во услови на руската инвазија, како што е употребата на амблем „Син штит“ за означување на нејзините културни места и споменици.
„Ние сме многу загрижени за ситуацијата и на хуманитарното и на културното наследство. Наследството на човештвото е во опасност во Украина“, рече на прес-конференција Ернесто Отоне, помошник-генерален директор за култура на УНЕСКО.
На првата, прелиминарна листа на УНЕСКО на целосно или делумно оштетени места, беа прикажани 29 верски објекти, 16 историски згради, четири музеи и четири споменици, се вели во извештајот.
Шефот на УНЕСКО Одри Азуле, како што соопшти агенцијата, му пишал на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на почетокот на март за да го потсети дека Русија е потписничка на Конвенцијата за заштита на културното наследство во време на војна. Но, според агенцијата, досега немало никаков одговор.
На разговорите оваа недела, Москва, која своите акции во Украина ги нарекува „специјална воена операција“, рече дека ќе ги намали офанзивите во близина на главниот град Киев и блискиот град Чернихив, за да изгради доверба.
Киев и неговите сојузници велат дека Русија ги повлекува војниците од тие области, не како гест на добра волја, туку за да се прегрупираат, бидејќи претрпеле големи загуби.