Бугарија изненадена од бројот на Бугари на пописот во земјава

Ппопис. Архивска фотографија.

Бугарското министерството за надворешни работи соопшти дека е изнанедено од бројката на граѓани во Македонија, кои на пописот се самоидентификувале како Бугари.

„Ја забележуваме драстичната неусогласеност меѓу овие податоци и податоците за бројката од над 100.000 граѓани на Република Северна Македонија кои лично поднеле документи со кои се докажува бугарско потекло и самосвест за добивање бугарско државјанство“, се наведува во реакцијата на бугарското МНР.

Оттаму сметаат дека „предмет на сериозна анализа“ е фактот што не се преброени 7,2 отсто од граѓаните „без да може да се утврди нивната етничка или верска припадност“. Софија забележува и дека нема информации колкав е бројот на државјани на земјава со бугарско национално чувство кои се попишани меѓу нерезидентното население.

„Со особено внимание ги имаме предвид сомнежите искажани околу транспарентноста и кредибилитетот на процесот наведени од организациите на Бугарите во Северна Македонија, како за време на пописот, така и при објавувањето на резултатите. Очекуваме нивниот глас да го слушнат и властите во Северна Македонија“, соопшти бугарското МНР.

Оттаму додаваат дека Бугарија во повеќе наврати истакнала дека од огромно значење е создавањето услови за слободно самоидентификување на граѓаните со бугарско национално чувство во земјава и гарантирање на нивните права.

Според податоците од Пописот објавени во средата, како Бугари се изјасниле 3504 лица, што претставува 0,19 отсто од резидентното население.