Од овој месец почнува исплатата на зголемената минимална плата која сега ќе изнесува 18.000 денари. Според најавите, се очекува околу 80.000 работници во државава да земат повисока плата за околу 2.800 денари.
Зголемувањето на минималната плата беше договорено на 7 февруари на седница на Економско-социјалниот совет по неколкудневни преговори. Со цел да се покрие разликата во придонесите до крајот на годината Владата најави дека ќе одвои 16 милиони евра од Буџетот.
Се промени и методологијата за пресметување на минималната плата и отсега износот нема да биде понизок од 57 проценти од просечната плата. Минималната плата ќе се формира и како 50 проценти од годишниот раст на просечната плата и 50 проценти од трошоците за живот.
Дел од синдикатите бараат усогласување на останатите плати со минималната плата, а пред два дена се одржа предупредувачки протест организиран од Конфедерацијата на слободни синдикати, а Синдикатот за образование, наука и култура најави генерален штрајк од 11 април.