Осум рудари загинаа во рудникот Сокобања во Србија

Рудникот „Соко“ во јужна Србија

Осум рудари загинаа, а над 20 се повредени при уривање на дел од јамата во рудникот за кафеав јаглен „Соко“ кај Сокобања во источна Србија. Оваа информација ја потврди директорот на Здравствениот дом Алексинац, Родољуб Живадиновиќ, кој изјави дека неколку околни центри на помош ги испратиле сите свои екипи, додека дел од повредените се пренесени во Општата болница Алексинац. Несреќата се случила во пет часот наутро на 1 април. Живадиновиќ за РТС изјави и дека нема информации уште колку рудари се заробени. Во смената имало 49 рудари. Директорот на Општата болница Алексинац, Горан Видиќ, за РТС изјави дека на терен се четири екипи од Здравствениот дом Алексинац, а вклучени се и екипи од околните градови. Тој изјави дека во таа болница се згрижени 18 повредени рудари - 15 со полесни повреди, двајца со повреди на лактот и еден со фрактура на пет ребра, но е надвор од животна опасност. Директорот на Клиничкиот центар Ниш Зоран Перишиќ изјави дека во таа установа се згрижени двајца рудари и двајцата со повреди на градниот кош. Рудникот Соко е јавно претпријатие за подземно ископување јаглен.