Кристофер Хил ја презеде функцијата амбасадор на САД во Србија

Новиот амбасадор на САД во Србија Кристофер Хил

Новиот амбасадор на САД во Србија Кристофер Хил, вчера му ги предаде акредитивните писма на српскиот претседател Александар Вучиќ, со што официјално ја презеде должноста. Хил го замени досегашниот амбасадор Ентони Годфри. Пред неговото заминување за Србија, новоименуваниот амбасадор рече дека доаѓа со свежа „перспектива кон Србија во 2022 година, во земја која САД ја гледаат како важен партнер и пријател“ и со желба за билатерални односи со напредок „како никогаш досега“. Во пораката објавена од Амбасадата на САД на Твитер, Хил наведува дека многу се променило откако тој ги посетил Белград и регионот и дека научил да ја почитува историјата низ годините, но дека неговиот куфер нема да биде „оптоварен со минатото“.

Кристофер Хил: Загрижен сум за многу прашања поврзани со Србија и Балканот

„Несомнено, ова се тешки времиња. Но, верувам дека нашите две земји можат да се справат со нив заедно во конструктивен дух и тон со разбирање дека имаме многу заеднички интереси“, напиша Хил, наведувајчи: „Верувам во визијата за динамичен однос Србија-САД, заснован на длабока основа на взаемно почитување“.

Хил - Балканот жртва на проблемите на ЕУ и индиферентноста на САД

Новиот американски амбасадор во Србија е добро запознаен со состојбите во регионот. Тој му беше заменик на Ричард Холбрук, главниот американски преговарач за време на Дејтонските мировни преговори со кои заврши војната во Босна и Херцеговина. За време на неговата долга дипломатска кариера, тој беше амбасадор во Ирак, Кореја, Полска и Македонија, беше помошник државен секретар за Источна Азија и Пацификот и шеф на американската делегација на шестпартитните разговори за Северна Кореја. Добитник е на бројни награди, вклучувајќи ја и наградата Роберт Фрејзер, за мировни преговори и наградата на државниот секретар за истакната служба. Зборува српски, полски, македонски и француски јазик.