Руски трупи го напуштаат Чернобил

Нуклеарната централа Чернобил

Поголемиот дел од руските војници кои ја окупираа нуклеарната централа Чернобил по инвазијата на Украина, си заминале од деактивираната централа, соопшти денеска украинската државна нуклеарна компанија Енергоатом.

Од компанијата додаваат дека војниците се упатиле кон границата на Украина со Белорусија

„Потврдени се информациите дека окупаторите, кои ја зазедоа нуклеарната централа Чернобил и другите објекти во зоната, тргнале во две колони кон украинската граница со Република Белорусија“, се вели во соопштението.

Се наведува дека мал број руски војници останале во Чернобил, без да се прецизира колку.

Од Енегоатом посочуваат дека руската војска се подготвува да го напушти и Славутич, блискиот град во кој живеат работници од Чернобил.

Руските трупи ја презедоа контролата врз Чернобил набргу по руската инвазија на 24 февруари, но украинскиот персонал на централата продолжи одвнатре да ги надгледува операциите.

Иако централата е деактивирана, потребна е електрична енергија за напојување на системите за ладење за складиштата со нуклеарен отпад и другите системи. Ладењето е неопходно за да се спречи пречи проток на радијација.

Претходно неделава украинската вицепремиерка Ирина Верешчук побара руските сили кои ја окупираа централата да се повлечат од областа откако вооружените сили на Украина предупредија на опасност од експлозија.

Покрај Чернобил, и нуклеарната централа Запорожје е исто така окупирана од руски војници.