Да се преземат јасни конкретни дејствија за решавање на проблемите со македонските Бугари, за искоренување на говорот на омраза, за ревизија на учебниците, побарал бугарскиот претседател Румен Радев на денешната средбата со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји во Софија.
„Има определен напредок во нашата работа. Тие проблеми, благодарение на упорноста на Бугарија, се осознаваат и се претвораат во ангажман на ЕУ. Прашањето е со какви инструменти ќе се гарантира заштитата на нашиот интерес“, оцени Радев по одржаната средба.
Тој исто така истакна дека очекува од бугарската Влада на покатегоричен начин да го заштити националниот интерес на земјата.
Коментирајќи ги пак вчера објавените резултати од пописот во Северна Македонија, Радев рече дека „тоа е уште еден доказ за обесправеноста на Бугарите во Северна Македонија, кои не смеат јавно да се изјаснат дека се Бугари, во ситуација кога над 120.000 лица докажале со документ дека се по потекло Бугари“.
Една од темите кои се наметнаа во македонско-бугарските преговори е положбата на бугарското малцинство во Македонија, или македонските Бугари.
Од Софија велеа дека околу 100 илјади македонски граѓани имаат бугарски пасоши и оти очекуваат тоа да се рефлектира и на пописот. Сепак, според објавените резултати, само 3504 македонски граѓани се изјасниле како етнички Бугари, што е 0,19 отсто од населението.