Антимонополските истражители на ЕУ извршија рација во германските канцеларии на рускиот државен енергетски гигант Гаспром поради сомневање дека тој незаконски ги зголемил цените во Европа, објавија неколку светски медиуми.
Европската комисија соопшти дека нејзините тимови извршиле ненајавени инспекции на 29 март „во просториите на неколку компании во Германија активни во снабдувањето, преносот и складирањето на природен гас“.
Главна цел на операцијата беше Гаспром, кој е обвинет за предизвикување енергетска криза во Европската унија, цитираше денеска АФП двајца извори запознаени со ова прашање.
Блумберг објави дека официјални лица извршиле рација во канцелариите на фирмите меѓу кои биле Гаспром Германија ГмбХ и Гаспром Вингас ГмбХ, кои обезбедуваат околу 20 отсто од германскиот пазар.
Европската комисија ги разгледува наводите дека Гаспром извршил прекумерен притисок врз своите европски клиенти со ограничување на понудата, предизвикувајќи скок на цените.
Украина во декември поднесе жалба до ЕУ против Гаспром, обвинувајќи ја компанијата дека создава „вештачки дефицит на гас“ за да ги зголеми цените.
Гаспром обезбедува околу 40 отсто од снабдувањето со гас на ЕУ, главно за Германија, Италија и неколку источноевропски земји.
По руската неиспровоцирана инвазија на Украина, Киев побара од 27-члениот блок да возврати со прекинување на руското снабдување.