Турско МНР реагира на Пописот во Македонија

Турското министерство за надворешни работи реагира на резултатите од Пописот на населението во Македонија, кои беа објавени вчера. Портпаролот на министерството Танџу Билгич денеска изјави дека Турција ги поддржува легитимните барања и ги штити правата и интересите на турската заедница, која со векови живее на територијата на Северна Македонија и која е меѓу нејзините рамноправни и конститутивни народи и се залага за благосостојбата и развојот на државата.

„Претставниците на турската заедница во земјава во текот на процесот упатија повеќе апели пописот да се спроведе правично, транспарентно и без никакво сомнеж. Резултатите од пописот покажаа дека тие повици, за жал, биле игнорирани“, наведува Билгич во изјавата.

Тој воедно ги повикува властите во земјава да ги земат предвид забелешките на објавените пописни резултати на Националното координативно тело за пописот на турскиот народ во Република Северна Македонија.

Ова Тело во кое членуваат невладини организации, политички субјекти, интелектуалци, универзитетски професори и други влијателни личности од турската заедница, во реакцијата на резултатите од пописот наведе дека тој ќе се памети по многу „неодговорени прашања и игнорирање на барањата“ на Турците, со што се „повредени правата на турскиот народ кој е еден од државотворните народи на РСМ и еднаков со другите“.

Координативното тело наведува дека во текот на пописниот процес многу пати изразувале незадоволство околу „методологијата, недостатоците, недоволниот број на попишувачи и инструктори Турци, прекини и нефункционирање на апликацијата за попишување во земјава и во странство, проблеми со преводот и недостатоци во софтверот, недоволна информираност на населението за пописот, притисоци и манипулации на терен и фактот дека многу граѓани не се избројани, односно попишани“.

На Пописот од вкупното резидентно население во земјава 58,4 проценти од населението се изјасниле како Македонци, а 24,3 како етнички Албанци, 3,86 проценти како Турци, потоа 2,53 проценти како Роми, како Власи се изјасниле 0,47, како Срби 1, 3 отсто и 0, 87 проценти како Бошњаци.

Пописот се спроведе лани во септември, а резултатите беа објавени вчера.