Институт за демократија и ЕПИ посочуваат на што да се внимава при евентуален компромис со Бугарија

Заедничка владина седница на Македонија и Бугарија / Македонско и бугарско знаме и знаме на ЕУ

Тинк-тенк организациите Институт за демократија и Институт за европска политика (ЕПИ) изработиле документ насловен „Бугарското вето на македонските евроинтеграции: Какво јаболко може да загризе Македонија“. Документот има за цел да ја информира општата и политичка јавноста и да го изостри нејзиниот фокус за суптилностите, кои евентуалниот компромис со Бугарија мора да ги земе предвид.

Во документот стои дека какво и да е решението со Бугарија, тоа мора:

  • Да биде врзано исклучително со крајот на пристапниот процес – по ратификацијата на пристапниот договор меѓу ЕУ и Северна Македонија од сите субјекти (држави членки, ЕУ, Северна Македонија) – вклучувајќи го и евентуалното внесување на бугарско малцинство во Уставот;
  • Да спречи можност за нови блокади на преговорите од страна на Бугарија врз основа на нејзиното толкување на Договорот;
  • Македонија не смее да престане да разговара со Бугарија за надминување на разликите
  • Да има широка поддршка од јавноста и политичките субјекти;
  • Да ги гарантира придобивките од Преспанскиот договор.


Во однос на македонските црвени линии, наведуваат седум точки:

1. Недозволиво е внесување механизам за следење или спроведување на Договорот во преговорите (преку Преговарачката рамка).

2. Бугарија мора да се обврзе дека нема дополнително да отвора нови прашања

3. За македонскиот јазик во документот се наведува дека не смеат да се дозволат измени на предложениот текст на Преговарачката рамка во која стои македонскиот јазик, ниту какви и да е дополнителни појаснувања.

4. Не смее да се прифати менување на Уставот како услов за почеток и текот на преговорите.

5. Бугарската страна треба експлицитно да го признае македонскиот идентитет, да се спречи злоупотреба на историското минато за етнополитички цели.

6. Спречување на говорот на омраза од двете страни гарантирајќи ја слободата на изразување.

7. Работата на историска комисија ослободена од диктат и без ограничување со рокови.

Овој документ е испратен до Кабинетите на Претседателот и Премиерот на државата, Министерството за надворешни работи и Секретаријатот за европски прашања.

Бугарија го блокира почетокот на преговори на Македонија со ЕУ, иако Скопје и Софија во 2017 година го потпишаа Договорот за добрососедство.