Русија продолжува со напади врз северниот украински град Чернигив и покрај тоа што вети дека ќе ја намали воената активност околу овој град, бидејќи војската на Украина ги отфрла руските ветувања и се подготвува за понатамошни тешки борби.
Во меѓувреме украинската вицепремиерка Ирина Верешчук рече дека 45 автобуси се упатиле кон опколениот пристанишен град Мариупол во обид да се евакуираат цивилите заробени од неколкунеделните тешки борби.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во видео обраќање во текот на ноќта рече дека не им верува на руските ветувања за намалување на воената активност и дека неговата армија се подготвува за понатамошни борби на истокот.
Британското Министерство за одбрана на 31 март соопшти дека руските војници продолжуваат да држат позиции на исток и запад од Киев и покрај повлекувањето на ограничен број единици. Според Министерството „најверојатно ќе се водат тешки борби во предградијата на градот во наредните денови“.
Одделно, шефот на британското разузнавање за електронска шпионажа, Џереми Флеминг, денеска рече дека деморализираните руски војници во Украина одбиваат да извршуваат наредби, ја саботираат сопствената опрема и случајно собориле сопствено летало. Тој при денешната посета на австралиската престолнина Канбера рече дека рускиот претседател Владимир Путин очигледно „масовно погрешно ја проценил“ инвазијата.
Во меѓувреме, директорката за комуникации на Белата куќа, Кејт Бедингфилд, им рече на новинарите дека Путин бил заведен од советниците.
Во одделни видео обраќања на 31 март, украинскиот претседател Володимир Зеленски на австралиските и холандските пратеници им рече дека се потребни нови и посилни санкции против Русија за да се засили притисокот врз Москва поради нејзината неиспровоцирана инвазија на Украина. Тој особено ги повика холандските пратеници да „запрат секаква трговија со Русија“.
Русија на 29 март, по средбата со украинските преговарачи во Истанбул, рече дека ќе ги намали операциите во близина на главниот град Киев и северниот град Чернигив „за да ја зголеми меѓусебната доверба“ за мировните преговори.
Во меѓувреме, Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) предупреди за катастрофалниот ефект од војната врз руската и украинската економија.
Европската развојна банка со седиште во Лондон на 31 март соопшти дека руската економија ќе се намали за 10 отсто оваа година, додека украинската ќе се намали за 20 отсто, бидејќи војната меѓу двете земји предизвикува „најголем шок за снабдување“ во последните 50 години.