Во април во јавната администрација нема да биде исплатена минимална плата под законски загарантираната од 18 илјади денари, изјави денеска министерот за информатичко општество и јавна администрација Адмирим Алити на прес-конференција.
„Ние сме во постојана комуникација со синдикатите. Законот кој треба да ја усогласи минималната плата веќе е во Парламент и според наши информации на 5 април треба да се гласа. Тоа го решава проблемот со минималната плата. Во однос на другите барања на синдикатите за покачување на платите на другите нивоа, ние како Влада и како министерство ја продолжуваме комуникацијата со нив и сме подготвени да го направиме тоа, меѓутоа, на најдобар начин и во најдобар тајминг за Владата и за државата“, рече на денешната прес-конференција Алити.
Административците треба да земат плата до 15 април. Според новиот закон за минимална плата, тоа од мартовската плата, што се зема во април, треба да изнесува 18 илјади денари. Досега минималната плата беше 15.200.
Процесот на усогласување на платите со минималната предизвика револт кај работниците, па неколку синдикати веќе протестираа или најавија протести и штрајкови. Тие реагираат на тоа што за повисоките категории на работници можеби нема да им се зголемат платите и тие ќе се изедначат со најслабо платените работници во државата, односно оние кои зимаат минимална плата.
Во средата протестираа од Конфедерацијата на слободни синдикати(КСС). Во најава е штрајк во образованието и протест на Синдикатот на управата и правосудството – УПОЗ, што дејствува во рамките на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ).
Во јавниот сектор во земјава заклучно со 31 декември лани биле вработени 132.088 лица во 1.346 институции. Повеќе од половината имаат најмалку високо образование. Споредено со лани, има околу 900 вработени повеќе. Намалување за околу 600 лица има во органите на државната власт. Најголем дел вработените во јавниот сектор работат во образование. Просечната старост на вработените е 46 години.
Ова го покажува анализата на Годишниот извештај за вработените во јавниот сектор за 2021 година што денеска на прес-конференција го презентираше министерот за информатичко општество и јавна администрација Адмирем Алити.