Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров за време на дводневната посета на Индија ќе се обиде да најде начини како двете земји да ги одржат трговските и другите односи и покрај Украинската криза. Ова е трета посета на Лавров во странство по руската инвазија на Украина на 24 февруари, по патувањето во Турција на разговори со неговиот украински колега претходно овој месец и состаноците во Кина. Иако и Индија и Кина повикаа на итен прекин на огнот во Украина, тие одбија експлицитно да ја осудат руската инвазија. Тие, исто така, продолжија да купуваат стоки од Русија тешко погодена од опсежните западни санкции.
Москва и Пекинг ја прошируваат соработката, на 1 април самит ЕУ-Кина
Извор од индиската влада изјави дека претставници на Министерството за надворешни работи би можеле да разговараат за воспоставување механизам за плаќање со Русија, чии банки се санкционирани од западните земји. САД и Британија, според официјалните најави од двете земји, сакаат Индија постепено да се оддалечи од Русија. Индија стана еден од најголемите купувачи на руски стоки откако меѓународната заедница почна да ја изолира Москва за нападот врз Украина. Привлечена од големите попусти на руската сурова нафта, Индија од 24 февруари купила најмалку 13 милиони барели, во споредба со околу 16 милиони барели увезени во земјата за целата минатата година. Индија размислува да го удвои увозот на руски кокс јаглен што се користи за производство на челик. Ројтерс во вторникот објави дека Индија се согласила да купи 45.000 тони руско сончогледово масло за испорака во април по прекинот на испораките од Украина, што е повеќе од двојно повеќе од месечниот просек минатата година.