Украинскиот претседател Володимир Зеленски вели дека не им верува на руските ветувања за намалување на воената активност и дека неговата армија се подготвува за понатамошни борби на истокот. „Ние не веруваме никому, ниту на една убава фраза“, рече Зеленски во видео обраќањето до нацијата доцна на 30 март, додавајќи дека верува оти руските трупи се прегрупираат за да го нападнат источниот регион Донбас. „Ништо нема да дадеме. Ќе се бориме за секој метар од нашата територија“, рече Зеленски.
Зеленски и Бајден разговарале за одбранбена поддршка на Украина и нови санкции
Зеленски и американскиот претседател Џо Бајден претходно разговараа за специфична одбранбена поддршка, нов пакет санкции против Русија и финансиска и хуманитарна помош. До овој разговор дојде откако руските сили продолжија со бомбардирањето во близина на Киев и северниот град Чернихив, еден ден откако ветија дека ќе ги намалат операциите, ветување што западните земји претходно го отфрлија како трик за прегрупирање.
Нападите во Чернихив продолжуваат
Портпаролот на Пентагон Џон Кирби изјави дека „помалку од 20 насто“ од рускиот контингент во близина на главниот град на Украина почнуваат да се „репозиционираат“. Кирби рече дека се чини оти Русија ги повлекува војниците од Киев со цел да ги снабди и реорганизира за употреба на друго место во Украина - а не да ги испрати назад во Русија. Кирби, исто така, им рече на новинарите во Пентагон дека руската Вагнер група распоредила околу 1.000 припадници во украинскиот регион Донбас. Групата Вагнер е паравоена сила која, според западните влади, Кремљ ја користел во други конфликтни зони.