Блинкен разговарал со Ковачевски и ја поздравил новата динамика во разговорите со Бугарија

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен

Премиерот Димитар Ковачевски во телефонски разговор со американскиот државен секретар, Ентони Блинкен ја изразил неговата благодарност до САД за поддршката за Северна Македонија во евроинтегративниот процес и го поздравил апелот на земјата дека е потребно негово забрзување со отворање на пристапните преговори меѓу ЕУ и Северна Македонија, соопшти владината прес-служба.

„Ковачевски потенцираше дека нема време за губење и дека секое натамошното одложување може да има сериозни регионални последици и широко да ја отвори вратата за зголемено влијание на трети страни во регионот“, се наведува во соопштението.

Блинкен од своја страна, според соопштението, потврдил дека САД се фокусирани на поддршката за проширувањето на ЕУ со Западен Балкан.

„Со силната поддршка на САД за почеток на пристапните преговори за Северна Македонија, Блинкен ја поздрави новата динамика на дијалогот со Бугарија и изрази надеж дека следува решение за прашањата меѓу двете земjи за време на француското претседателство со ЕУ. Државниот секретар на САД Ентони Блинкен потенцираше дека поддршката на Вашингтон доаѓа од целосната посветеност на Северна Македонија на вредностите на НАТО, кои земјата ги докажа и во поддршката за Украина којашто е целосно хармонизирана со сите сојузници во НАТО“ се посочува во соопштението.

За време на разговорот Ковачевски и Блинкен, се додава во соопштението, изразиле задоволство од усогласеноста и ефикасната координација на НАТО и ЕУ во санкционирањето на Русија, како и во организирањето на ефикасна поддршка за Украина кон која се приклучи и Северна Македонија. Русија ја започна инвазијата врз Украина на 24 февруари.

Бугарија од 2020 година ги блокира преговорите на Северна Македонија со ЕУ инсистирајќи на решавање на билатерални прашања најмногу поврзани со историјата. Новите премиери на двете земји Кирил Петков и Димитар Ковачевски најавија нов пристап за решавање на проблемот.