Зеленски и Бајден разговарале за одбранбена поддршка на Украина и нови санкции

Украинскиот претседател Володимир Зеленски и американскиот претседател Џо Бајден. Архивска фотографија.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на Твитер соопшти дека со американскиот претседател Џо Бајден разговарал за специфичната одбранбена поддршка од САД за Украина. На едночасовниот телефонски разговор, како што наведе Зеленски, станало збор и за нов пакет засилени санкции против Русија, како и за финансиска и хуманитарна помош за Украина.

„Бајден ја сподели својата проценка за ситуацијата на бојното поле и на преговарачката маса“, напиша Зеленски на Твитер.

Во соопштението на Белата куќа се вели дека Бајден го искористил повикот за разгледување на санкциите и хуманитарната помош што беа најавени минатата недела, додека Зеленски го информирал Бајден за статусот на преговорите со Русија.

Белата куќа соопшти дека Бајден и Зеленски разговарале и за тоа како САД работат „деноноќно за да ги исполнат главните барања за безбедносна помош од Украина“.

Тие, исто така, како што се наведува, разговарале и за критичните ефекти кои испораките на оружје ги имале врз конфликтот и континуираните напори за идентификување на дополнителните можности за да и се помогне на војската на Украина да ја одбрани земјата.

САД, според соопшетнието, имаат намера да ѝ дадат на Украина 500 милиони долари директна буџетска помош, а Бајден тоа му го пренел на Зеленски за време на разговорот.

Нивниот повик е во услови кога руските сили продолжија со бомбардирањето во близина на Киев и градот Чернихив во северна Украина, еден ден откако ветија дека ќе ги намалат воените операции по речиси пет недели по инвазијата на нивниот сосед. Западните земји го отфрлија ветувањето на Москва како трик за прегрупирање.

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба на Фејсбук напиша дека меѓународните санкции кон Русија мора да се засилат и Украина мора дополнително да се вооружи.

„Логиката е исклучително едноставна - колку е посилна Украина, толку подобар ќе биде секој иден договор“, рече тој.

Делегациите на Украина и Русија вчера одржаа разговори во Истанбул, додека Русија продолжи да наидува на силен отпор од украинските сили кои постигнаа напредок во некои области и со преземање на теренот во предградието на главниот град.