Одбиено барањето на рускиот медиум РТ за укинување на забраната за емитување

Илустрација

Европскиот суд на правдата (ЕСП) го отфрли барањето на рускиот радиодифузер РТ (Раша Тудеј), под контрола на Кремљ, за привремено укинување на забраната за емитување на француски јазик, која беше воведена откако Москва започна инвазија врз Украина.

„Со денешната наредба претседателот на судот го отфрла барањето на РТ Франс за привремени мерки“, соопштија од Европскиот суд, додавајќи дека конечната пресуда ќе биде донесена дополнително.

На 1 март, Европската унија го прекина емитувањето на некои руски медиуми под контрола на Кремљ, вклучително и РТ.

Европските медиумски регулатори ја доведуваат во прашање непристрасноста на РТ во известувањето за руската инвазија врз Украина, која започна на 24-ти февруари.

Каналот е забранет во неколку земји, вклучувајќи ги и поранешните советски републики Литванија и Латвија. Во САД мораше да се регистрира како странски агент, а британските власти му ја одзедоа дозволата за емитување.